Напаѓа стомачен вирус, избегнувајте вода со мраз

Кога некого ќе го „нападне“ овој вирус, најважно е организмот да се рехидрира. За појава на овие тегоби најчесто главни се две причини: пиење многу студена вода и вклучување на клима уредите на многу ниски температури. Па така доаѓа до нерамнотежа на флората во  системот за варење, вели д-р Чолакова Дервишова.

9967
БЕСПЛАТНА ФОТО ПИКСЕЛС

Зголемен е бројот на граѓани кои се жалат на пролив, повраќање, но често од овој т.н стомачен вирус, може да се јави и зголемена телесна температура. Освен возрасните, и децата се жалат на слични симптоми. Матичните лекари потврдуваат дека деновиве има поголема турканица во  ординациите.

– За појава на овие тегоби најчесто главни се две причини – пиење многу студена вода и други течности и вклучување на клима уредите на многу ниски температури, кога надвор се сѐуште тропски жештини. Па така доаѓа до нерамнотежа на флората во  системот за варење. На овој систем му пречи кога внесуваме премногу коцки мраз со  течностите, што многумина ги консумираат и во кафулињата, но и кога се дома. Ова не е заразно заболување, а се јавува бидејќи организмот не може да поднесе толкава температурна разлика, а сите процеси се одвиваат на фиксна температура од околу 36 степени Целзиусови. Цревата, кои функционираат на една температура, па ако цело време пиете студена вода од фрижидер или со многу мраз, и цревата може да настинат! Или може да се јави и воспаление на желудник, проследено со болки, кашасти столици, пролив, некогаш и со покачена телесна температура. .. И   желудникот не сака многу топло или многу ладно – објаснува д-р Лили Чолакова Дервишова, специјалист по семејна медицина и претседателка на Здружението на приватни лекари.

Кога некого ќе го „нападне“ овој вирус, најважно е организмот да се рехидрира за да не дојде до дехидратација, состојба која е опасна и по животот, особено кај помладите.

– Треба да се внесува течност која не е во голема разлика со температура на телото, најдобро вода и млаки напитоци, за полесно да се прилагоди организмот. Еве припадници на некои народи, како Англичани, Турци, се со традиција да пијат чај и добро е да се прифатат овие навики. Или како порано се работело и во поле, без клима и фрижидер, а луѓето се однесувале соодветно на временските услови. Кога е топло време, телото се поти и со тоа прави терморегулација, а вака го шокираме – вели д-р Чолакова Дервишова.

Таа предупредува дека со навиката за пиење студени сокови и вода, како и престој во климатизирани простории, кога уредите се пуштени на само 19 степени, а надвор е плус 40, доаѓа до тоа да се чувствуваме и како целото тело да ни е здрвено, а често нѐ боли и главата.

– Се случува парадокс – лете поради влијанието на сонцето коските треба да не болат, но обратно е – од изложеноста на организмот на студено, коските сега болат и во лето! Затоа, поздраво е просториите да се ветреат почесто кога е вака топло или уредите да не се вклучуваат на толку ниски температури, за да нема голема разлика, и да се разладуваме со пиење млаки чаеви и вода, никако со напитоци во кои има половина мраз. И децата, гледајќи ги родителите, почнуваат да пијат вода од фрижидер. Ова заболување најчесто е предизвикано од лош, односно нездрав начин на живот – додава д-р Чолакова Дервишова.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...