Наместо честитка Србија ни праќа за амбасадор човек на УДБА од висок ранг

7615

Историскиот договор меѓу Скопје и Атина за новото име (поранешната југословенска република) на Македонија во Белград е пречекан со молк, и мачно. Не е познато само што беше прво – дали е мачнотијата па молкот, или било обратно. Но, сеедно, пораката беше јасна и гласна.

Значи, наместо од Белград речиси веднаш да летнат писма и разгледници со честитки и најдобри желби затоа што еден голем проблем, кој го оптоваруваше целиот регион, е симнат од дневен ред, Белград се „направи наудрен“. Според принципот – како што рече на прес-конференцијата министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ – што тоа има врска со нас. Затоа што – ние не сме „поканета страна“ и „нема што да се честита“, пишува Мијат Лакиќевиќ за Пешќаник.

Зошто Белград така реагираше? Дали е во прашање жал за „јужна Србија“? Дали тоа Дачиќ подметнува клипови во тркалата на „европска Србија“, што тој всушност и го прави, само во прашање е дали тие клипови му ги додаваат од највисоката позиција? Или станува збор за лична злоба на нашиот сакан водач, затоа што некој друг стана омилен балкански политичар во Брисел и Берлин, а богами и во Вашингтон. И „гарант за стабилноста на Балканот“, без разлика колку е излижана таа флоскула. Зашто, еве, Заев го реши спорот со Албанците околу заедничката држава, со Грците околу името на таа земја и со Бугарите околу јазикот. Значи, тој е човек кој решава проблеми, додека Вучиќ станува човек кој не само што не ги решава проблемите, туку создава и други. А конфликтите ги замрзнува.

Кога веќе споменавме каде сѐ договорот е поздравен, да кажеме и каде не е. Не е тешко да се погоди; се разбира – во Москва. Така, Србија уште еднаш се одреди за таборот во кој наводно не сака да припаѓа.

Всушност, не дека Македонија не доби никаква честитка од Белград. Доби, и тоа со дипломатска пошта. Имено,токму кога беше објавено дека историскиот договор помеѓу (Северна) Македонија и Грција е потпишан, Србија објави дека за нов амбасадор во Скопје е поставен Раде Булатовиќ, поранешен шеф на Безбедносно-информативната агенција, колоквијално кажано УДБА. Да напоменеме дека, поранешниот амбасадор во Украина, „близок човек“ на Коштуница, сакаше, кога се распоредуваа местата, да оди во Цариград, но Турција како земја-членка на НАТО, каде за вакви работи внимателно да се одлучува, одби да го прифати т.н. „агреман“.

Што се однесува до Македонија и Македонците, тие несомнено ќе ја разберат оваа нова порака. По Горан Живаљевиќ – агентот фатен во Собранието при обидот за државен удар во април минатата година – кого Белград мораше да го повлече, сега се испраќа „припадник на безбедносните сили“ од уште повисок ранг и на повисоко место.

Во принцип, интересно е што актуелната влада својата „полициска дипломатија“ се повеќе ја концентрира на нашиот регион. Така пред неколку дена поранешните шефови на УДБА беа назначени за амбасадори во помалку или повеќе блиското соседство: Небојша Родиќ во Виена, а Александар Ѓорѓевиќ, како и Булатовиќ, токму кај првите комшии, во Сараево. И ова, поточно – многу зборува за стратешките преференции на оваа власт.

Во поглед на ова, на крајот, не е лошо да се забележи и следново. Имено, ниту српската опозиција, кога станува збор за грчко-македонскиот договор, баш не се прослави, напротив. Изгледа дека ниту таа не гледа подалеку од сопствениот нос, кој, прилично ниско падна. Наместо да одржи прес-конференција и да го поздрави договорот на двете пријателски држави и да се постави и претстави – и дома и во странство – како алтернатива, таа огромниот простор на надворешно-политичките односи беневолентно му ги препушта на Вучиќ.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...