Магацините на ЈП „Македонски шуми“, наместо со огревно дрво, се полни со запленети возила од дрвокрадци. Вкупно десет илјади разни возила „лежат“ во магацините, а од нив над илјада се во магацинот на Шумското стопанство „Беласица“ во Струмица, информираат од оваа јавно претпријатие.
Во магацинот во Струмица има секакви возила, но највпечатливи се многубројните приколки оставени во голем куп. Се забележува дека голем дел од возилата стојат тука подолго време и се обраснати во трева.
-Нашиот магацин изгледа како отпад за стари возила. Тие што ги одземаат МВР и Шумската полиција завршуваат тука и се до правосилноста на пресудите не смеат да се оттуѓуваат – вели Никола Ристов, шеф за заштита на шуми при ШС „Беласица“ од Струмица.
Додава дека досега многу пати апелирале да се исчисти магацинот од старите возила.
-Како подружница, но и на ниво на „Македонски шуми“, повеќепати е апелирано и барано овој загадувачки отпад да се отстрани од нашиот и другите магацини во Македонија. Досега многу малку е преземено и затоа, еве и сега, апелираме да се отстрани отпадот од магацините и да можеме да ги користиме за складирање огревно дрво, но и да ги користиме нашите помошни објекти што се сместени таму – апелира Ристов.
Тој своето барање го адресира до Агенцијата за управување со одземен имот, посебно да се подигнат возилата за кои има правосилни судски пресуди.
Директорот на Агенцијата, Фатон Асани, вели дека проблемот е наследен од минатата власт и дека со години ништо не е преземено.
-Не само во магацините на „Македонски шуми“, туку и во Шумската полиција има 2,5 илјади запленети возила, потоа во Миладиновци и Идризово има над 3,5 илјади возила. Досега ништо не се работело и сега се бара преку ноќ да се реши овој проблем, вели директорот на Агенцијата за управување со одземен имот – Фатон Асани.
Додаде дека овие денови ќе има продажба на 120 возила како старо железо и се преземаат мерки за расчистување отпад од повеќе локации. Покрај тоа, дел од запленетите возила кои се во возна состојба се доделуваат на различни институции, а е уништена и 42 тона заплената стока.