Наместо песни и ора, на Собранискиот канал ќе ечи пропаганда за референдумот

Информациите се дека претседателот на Собранието Талат Џафер не сака Собранието да се арчи за пропаганда.

583

Наместо песни и ора, на Собранискиот канал ќе ечи пропаганда за референдумот. Парламентарното мнозинство размислува кампањата за референдумот да ја тера на Собранискиот канал, брифираат за Плусинфо собраниски извори.

Ова ќе значи дека пратениците од мнозинството ќе го искористат Собранискиот канал за кампања за поддршка на референдумот во термините кога нема пленарни седници или снимки од комисиските расправи, оти Собранието е овластен предлагач на референдумот и организатор на кампањата.

Доколку за ова и официјално падне договор, Собранието преку својот канал пред сѐ ќе води информативна кампања за што помасовно да допре до граѓаните и да ги информира за придобивките од успешниот референдум.

На овој начин Собраниетo, односно парламентарното мнозинство речиси без пари ќе води кампања „за“ референдумот, наместо за пропаганда да плаќа на медиумите. Информациите се дека претседателот на Собранието Талат Џафер не сака Собранието да се арчи за пропаганда. Според извори од Собранието, неизвесно е и дали Џафери активно ќе се вклучи во кампањата, бидејќи како што велат, како прв меѓу еднаквите, тој не сака да ја лути опозицијата. Допрва ќе се види и како на ова ќе реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која сѐ уште не се изјаснува за своите позиции за кампањата, односно дали и со каква кампања ќе настапи на претстојниот референдум.

– Размислувањата се кампањата да оди на Собранискиот канал. Наместо песни и ора на Собранискиот канал ќе оди пропаганден материјал за референдумот. Сепак, за ова допрва ќе треба да се одлучува на координација кај претседателот на Собранието, откако во понеделник пратениците ќе се вратат на работа – вели извор од Собранието.

Пратениците од мнозинството преку прес-конференции веќе тераат кампања за референдумот. Се очекува пратениците активно да водат кампања и на терен, но како претставници на партиите.

Во Законот за Собрание, во делот за Собраниски канал во членот 32 пишува дека „Собранието има програмска одговорност за емитување на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието.

Собранискиот канал ги информира и образува граѓаните за политичкиот живот, преку парламентарни, образовни и граѓански програми.

Собранискиот канал емитува програми од интерес за социјалната кохезија, меѓуетничкиот соживот, културните разлики и борбата против сите видови дискриминација и нуди програми кои ја одразуваат разноликоста на македонското општество.

Собранискиот канал се грижи за обезбедување на политичката рамноправност и соодветна јазична застапеност во емитуваните програми.

Собранието обезбедува услови за пренос на дигитален ТВ сигнал до крајните корисници (гледачи)“.

По враќањето на пратениците од одмор ќе биде појасно дали Собранието освен на Собранискиот канал ќе води кампања и во медиумите.

ДИК веќе се произнесе дека само Собранието како овластен предлагач има право на посебен простор во медиумите за водење пропаганда. Собранието е повластено и од аспект на цените, бидејќи тие треба да бидат средна вредност од цените на рекламите во последните три месеци, додека во комерцијалниот дел нема такво правило.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги пак, смета дека законот не му дава привилегирана позиција на Собранието за кампањата за референдумот. Агенцијата денеска ќе одлучува за ова прашање.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...