Наместо да ги зголеми квотите со лекови, Фондот ќе им ги скрати на поголемите аптеки

Очекувавме квотите да ни се зголемат, но нѐ облеа „студен туш“ кога ја видовме предлог-одлуката (во нацрт верзија) со која квотите со лекови од позитивната листа кои се издаваат на рецепт, ќе ни се намалат!, реагираат аптеките.

711

Граѓаните секој месец очекуваат да се зголемат квотите со лекови во аптеките, па и по 15. во месецот да има лекови на рецепт, но Фондот за здравствено осигурување,  најверојатно, од јануари планира да ги намали квотите на аптеките кои се во синџир, односно имаат повеќе организациони единици.

На поплаките на граѓаните во поголемите градови дека лекови на рецепт има само до 15. или евентуално до 20. во месецот, по што мора приватно да си ги купуваат, од Фондот за здравство неодамна најавија дека ќе се преземат мерки за да има повеќе лекови од позитивната листа во апеките.

Иако граѓаните, исто како и аптеките, очекуваат да се зголемат месечните износи за лекови што им се распределуваат на аптеките (квотите со лекови), се чини дека дел од средствата само ќе бидат пренаменети од едни на други аптеки, наместо за оваа ставка да се даде поголема „инфузија“.

За лекови што се на товар на Фондот за примарната листа од здравствената каса се одделуваат по околу 30 милиони евра годишно.

– Очекувавме квотите да ни се зголемат, но нѐ облеа „студен туш“ кога ја видовме предлог-одлуката (во нацрт верзија) со која квотите со лекови од позитивната листа кои се издаваат на рецепт, ќе ни се намалат! Тоа, освен што ќе се одрази директно на нашето работење, ќе влијае и на достапноста на лековите на рецепт за граѓаните. Зошто Фондот одделува синџир аптеки од аптека и како може аптека која има 5 аптеки (организациони единици) да добие слична месечна квота со некоја аптека која има 100 аптеки? – реагираат од неколку синџири на аптеки, кои имаат и до 98 отсто исполнетост на квотите.

Според предлог-одлуката која им била поделена на членовите на УО на Фондот за здравство, како што дознава Плусинфо, максималниот износ на квота на организациона единица – аптека ќе изнесува б50.000 денари, а максималниот износ за организациона единица – аптека (правно лице) се утврдува на 10 отсто од вкупните месечни средства на Фонодт наменети за определување и утврдување на квоти по организациони единици.

Почетниот износ на квота за организациона единица – аптека која за првпат склучува договор за работа со Фондот ќе изнесува 120.000 денари.

Аптеките ќе добиваат и минимален износ по осигурено лице на ниво на подрачна служба, кој се утврдува на 90 денари.

Како што стои и во образложението од оваа предлог-одлука, новиот максимален износ на квота е „да се намалат разликите во квотите кои претходно биле утврдени, а според кои разликите во аптеките од иста подрачна служба ги насочувале осигурениците да одат во аптеки кои се и подалеку од нивото место на живеење“.

А за максималниот удел (процент) во буџетот на квоти за издавање лекови на рецепт кои се на товар на Фонодт, од Фондот во предлогот појаснуваат дека ова „е во корист на помалите аптеки со што ќе се зголеми задоволството на поголемиот број аптеки од партнерската соработка со Фондот“.

Пред една недела, на 7. декември, во Службен весник на РМ излезе Правилникот за критериуми за склучување договори, утврдување постапка за определување на месечниот износ на средства и начинот на плаќање на здравствени услуги на установи кои вршат обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт од листата лекови на товар на Фондот во примарна здравствената заштита.

Според членот 5. од најновиот Правилник  „согласно расположливите средства во буџетот на Фондот наменети за лекови на рецепт од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за примарна здравствена заштита, со Одлука на Управниот одбор се утврдува максимална квота на организациона единица – аптека и максимален месечен износ на здравствена установа – аптека (правно лице).

Определување на буџетот за лекови на рецепт од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот во примарна здравствена заштита по подрачна служба на Фондот се врши врз основа на следните критериуми: расположливите средства во буџетот на Фондот наменети за определување и утврдување на месечниот износ на средства по организациони единици – аптеки согласно член 4 од овој правилник, бројот на осигурени лица на територија на одредена подрачна служба, како и број на организациони единици – аптеки со утврдена квота на ниво на подрачна
служба.

Од Фондот за здравствено осигурување денеска не добивме одговор како ќе се зголемат квотите за лекови и дали е точно дека на поголемите аптеки квотите ќе им бидат намалени.

Наскоро за ова ќе биде оддржана прес-конференција, нѐ информираа од Фондот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...