Американскиот претседател Доналд Трамп бараше Денот на независноста на САД да се одбележи со голема воена парада по примерот на оние во Франција, Русија, Кина или Северна Кореја, но таква нема да се случи, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Американците утре го слават 4 јули, еден од најважните државни празници во САД. Истата вечер на Националната алеја во престолнината се собираат илјадници туристи, семејства, пријатели и роднини, да присуствуваат на централната прослава со раскошен огномет во чест на Денот на независноста. Огнометот понекогаш трае и повеќе од час.
Но, Трамп се погрижи овојпат да не биде така. Од Националната алеја огнометот се префрла на брегот на реката Потомак, бидејќи таму можело „да дојде повеќе народ, за да биде се убаво“, а Трамп ќе се обрати од меморијалниот комплекс на Абрахам Линколн.
Тенковите и оклопните возила од типот „Абрамс“ и „Шерман“ што по негова желба требаше да поминат по авенијата Пенсилванија, централната улица на Вашингтон, ќе бидат само паркирани за да не го оштетат асфалтот.
Трамп уште од 2017, пo посетата на Париз и под впечаток од парадата на Денот на Бастилја, повикуваше дека редно е слична воена парада да се одржи и во Вашингтон. Подоцна тој повика воена парада да се одржи на Денот на ветераните, но по анализи со Пентагон за тоа колку војници, техника и авиони можат да бидат ангажирани се покажа дека тоа би било прескапо и идејата се отфрли.
Овојпат само воени ловци ќе го надлетуваат градот.
Домаќинот на Белата куќа ќе се обрати од меморијалниот центар Линколн, а огнометот ќе трае многу подолго од еден час.
Претседателот не доби зелено светло од управата на округот Колумбија, а демократите го обвинија за „каприциозност“, организаирање „парада во своја чест“ и непотребно расфрлање пари, но и за затворен воздушен простор на 4 јули.
Поради надлетување на воените ловци утре, воздушниот простор над престолнината ќе биде затворен неколку часа.
Белата куќа пак, од своја страна се повикува на „зацврстување на патриотизмот“.
Демократите се непоколебливи во своте критики – моќта и привлечноста што САД ја имаат во светот не се во нејзината воена сила, туку во економските можности и реализацијата на „американскиот сон“, укажуваат тие.
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS