Систем кој треба да овозможи вишоците на храна наместо во ѓубре да завршуваат кај ранливите категории и семејствата на кои им е потребна, во изминатата година воспостави мрежата „Сите сити“. Годинава ситемот е поддржан и од Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации, со цел да се види неговата одржливост и евентуално да се размислува од привремено да стане системско решение.
-Станува збор за систем кој има за цел вишокот храна кој е добра состојба и безбеден да не заврши на депониите, туку да се пренамени онаму каде е неоходен. За големината на промената што ја овозможува зборува фактот што изминатиот период 210 илјади оброци се донираа на повеќе од 3.300 граѓани – рече координаторот на мрежата „Сите сити“ Блаже Јосифовски на доделувањето на наградите и признанија на поддржувачите и на волонтерите вклужени во активностите изминатата година.
Овој систем треба да ги промени состојбите и фактите дека кои покажуваат дека Македонија е земја која е на 10 место во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460 илјади граѓани живеат под праг на сиромаштија и не можат да си обезбедат три оброци дневно.
Тој, вели, се состои од законски измени, мрежа за дистрибуција и транспорт, кампања за подигнување на јавната свест, и веб платформа за размена на храната. Дистрибуцијата на храна е индиректна, односно таа од бизнисите или граѓаните преку 30 граѓански организации завршува кај социјално загрозени граѓани.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека преку ваквиот систем се постигнуваат два ефекти, помалку отпад и храна во ѓубре, но и помалку гладни во земјава.
-Пред две години само констатиравме состојба со гладот во државата и дека се фрла храна, а имаме гладни луѓе. Сега само по две години веќе има реализација на програма и тоа финансирана преку државните институции каде граѓанските организации се обединиваат и се обидуваат да постигнат максимум во задоволување на потребите од храна на граѓаните. Од друга страна, како што велат од мрежата, превенирале 68 илјади тони храна да не завршат во ѓубре. Тоа покажува дека можеби ова решение кое тие го спроведуваат понатаму ќе доведе до системско решение, а ние како Владаа во 2020 година ќе го разгледаме низ системски и законски решенија и ќе го воспоставиме во пракса – рече Царовска.
Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, ова е едно од оние решенија кое ни е пред очи, но, како што рече, треба само да ги видиме и храброст да ги предложиме и спроведеме. Со ова, вели, се прави разлика на животот на оние на кои храната им е најпотребна.