Акционерите во винаријата Сковин на вчерашното Собрание ја одобрија одлуката на Одборот на директори за продажба на имотот и залихите на „ВинаријаСковин Група“ ДООЕЛ и трговските марки на сингапурската компанија SIAK PTE LTD. Одлуката е објавена на веб страницата на Македонска берза.
Вкупната зделка на продажбата изнесува околу 3,4 милиони евра.
За купувањето на недвижниот и подвижниот имот, залихите на винаријата, „ВинаријаСковин Група ќе плати 3,344 милиони евра. Таа купи згради, објекти, градежно изградено земјиште лозја, опрема, основни средства и инвентар како и возила и механизација.
Според одлуката за одобрување на продажбата, Фершпед како најголем акционер му дава право на купувачот да заснова заложно право врз продадениот имот за издавање банкарска гаранција во корист на „Сковин“ која ќе биде на износ од 1,95 милиони евра како обезбедување на плаќањата од купувачот, по завршената купопродажба, да стане заложен должник.
Сингапурската фирма SIAK PTE LTD ќе плати 5.100 евра за трговските марки. Станува збор за повеќе од 20 бренда на вина и жесток алкохол кои сега ги произведува „Сковин“. Сковин располага со богат асортиман од вкупно 35 производи, распределени во 10 линии: „Сан сити“, „Класик“, Фајнест селекшн“, „Барик“, „Премиум“, во пакувања од станиол „Бег ин бокс“, пенливо вино, литарски флаширани вина од програмата „Бејзик лајн“ и литариполските „Магнум лајн“. Во трговските марки се и ракиите: „Марков манастир“ и „Жолта“.
Продажбата на винаријата се случува откако лани оствари загуба од 1,8 милиони евра.
Сковин има долгогодишна традиција во производство на грозје, вино и вински дестилат и нивна продажба на големо и мало на домашниот и на странските пазари. Винаријата има капацитет на преработка на 23 000 тони грозје.
Доминантен акционер во винаријата Сковин е Фершпед АД Скопје 96,69% од акциите каде што сопственици се браќата Драган и Сашо Накови.