Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово објави синоќа дека, во предвидениот законски рок, примила повеќе од 42 илјади барања од дијаспората за регистрирање гласачи за вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 6 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.
Началникот на Секретаријатот на ЦИК, Енис Халими изјави за медиумите дека пријавите за гласање од косовските државјани кои живеат во странство пристигнале по пошта, на и-мејл адресата на гласачката служба и преку телефаксот на ЦИК.
– Внесени се во системот сите пристигнати апликации (…) и бројката изнесува 42.300 лица, за кои ќе се изврши оценка на правна валидност. Не е исклучена можноста да се појават дупликати, односно повеќе пријави испратени од исти лица, но нашиот систем ќе ги исфрли тие и потоа ќе се процесуира само по една пријава. Во процедура се апликациите пристигнати по пошта и нивната бројка е околу 5.300. Веруваме дека во текот на наредните два дена целосно ќе се завршат овие процедури – изјави Халими.
На вчерашната седница на ЦИК е одлучено бројките на субјектите кои ќе учествуваат на изборите на гласачките ливчиња да бидат од 111 до 135. Ова, како што информира извршниот директор на Одделот за регистрирање на политички субјекти при ЦИК, Или Булешкај, се прави со цел да се избегне совпаѓањето на бројката на кандидатот на листата со онаа на партијата, затоа што на претходните избори некои од кандидатите профитирале од таквото совпаѓање.
Според косовскиот изборен модел, на гласачкото ливче, освен што се заокружува бројот на политичкиот субјект, се запишуваат и броевите на пет од 110-те кандидатите кои се наоѓаат на листата на тој субјект.
Ждребката во ЦИК за распоредот во гласачкото листе на учесниците на изборите ќе се одржи денеска.