Над 200 жени умреле од рак на грло на матка за пет години во Македонија

И покрај оваа алармантна состојба, Министерството за здравство издвојува средства и дава можност само 28 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години да направат бесплатен ПАП-тест преку Програмата за скрининг на карцином на грло на матка, а секоја година со оваа програма опфаќа помалку жени од предвидениот број и троши помалку средства од издвоените, велат од ЕСЕ.

212

Во Република Македонија во периодот од 2012 до 2016 година од карцином на грло на матка умреле 203 жени, а бројот на умрени жени од карцином на грло на матка секоја година се зголемува за шест отсто, покажуваат резултатите од направената анализа од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените-ЕСЕ.

– И покрај оваа алармантна состојба, Министерството за здравство издвојува средства и дава можност само 28 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години да направат бесплатен ПАП-тест преку Програмата за скрининг на карцином на грло на матка, а секоја година со оваа програма опфаќа помалку жени од предвидениот број и троши помалку средства од издвоените. Во периодот од 2012 до 2017 година, 56 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години не биле поканети да направат бесплатен ПАП-тест со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката, а пак на 72 отсто од жените не им бил направен ПАП-тест преку Програмата во изминатите шест години, велат од ЕСЕ.

Во анализираниот период, кај 13.317 жени или пак во просек кај осум отсто од цитолошки анализираните брисеви утврдени се одредени клеточни абнормалности.  Најголем број на клеточни абнормалности или 14,9 отсто се утврдени во 2016 година.

-Доколку со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката биле опфатени сите жени на возраст од 24 до 60 години во изминатите шест години, одредени клеточни абнирмалности би се идентификувале кај приближно 44 илјади жени што значи дека кај нив е пропуштена можноста за рано откривање на предраковите промени и карциномот на грлото на матката, и со тоа навремено излекување и продолжување на животот на жените, велат од ЕСЕ.

Во анализата се вели и дека нискиот опфат на жени со Програмата за скрининг на карцином на грло на матка се должи на нискиот буџет и на недостигот од гинеколози на примарно ниво во Македонија, а и на малиот број на гинеколози вклучени во реализација на програмата (85 од 130).

-Поради континуираниот пораст на смртноста кај жените, Министерството за здравство за спроведување на еден циклус на скрининг на карцином на грло на матка за наредните три години години (2019 -2021 година) мора да обезбеди вкупно 109.942.560 денари за да опфати над 50 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години или пак 36.647.520 денари на годишно ниво за оваа намена. А пак, за наредниот циклус на скрининг на карцином на грло на матка во периодот од 2022 до 2025 година да обезбеди 163.149.558 денари денари за да обезбеди опфаќање на 80 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години или пак 54.383.186 денари на годишно ниво, наведуваат од Здружението ЕСЕ.

Од ЕСЕ велат дека воедно потребно е да се воспостави една национална програма за скрининг на ракот на грлото на матката, каде прецизно ќе се дефинираат критериумите и одговорностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со која ќе се превенира предвремената смрт на жените во Македонија.

– Моментално и Министерството за здравство и Фондот паралелно предвидуваат превентивни активности за рано откривање на ракот на грлото на матката, без меѓусебна комуникација и координација, соопштуваат од ЕСЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...