Над 170 грчки пожарникари цела ноќ водеа битка со огнените јазици на островот Закинтос, а шумскиот пожар, речиси 24 часа подоцна, сѐ уште не е ставен под контрола, jави дописничката на МИА од Атина.
Во пожарот што изби вчера околу 11 часот во јужниот дел на грчкиот остров Закинтос, материјална штета претрпеа неколку куќи, а две села и еден хотел беа превентивно евакуирани.
– Вчера беше многу опасна ситуацијата. Фронтот и понатаму е голем, над 10 километри, но во текот на ноќта имавме промена на правецот и сега ситуацијата е побезбедна – вели градоначалникот на Закинтос, Никитас Аретакис за грчкото радио „Тема“ и додава дека неколку домови претрпеа штета, а горат илјадници хектари шума.
Доцна синоќа на островот пристигнаа пожарникари од Солун, но и генералниот секретар за цивилна заштита, Никос Хараљас. Во справувањето со огнените јазици учествуваат 171 пожарникар со 52 возила, две специјални пожарникарски единици, девет пешадиски единици, два авиони и четири хеликоптери, а помагаат и 13 цистерни од општината.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, на плоштадот во едно од селата во близина на пожарот, кое што беше евакуирано вчера, се наоѓа координативниот центар, а генералниот секретар за цивилна заштита ги координира активностите на пожарникарите и инволвираните во гаснењето на пожарот.