Надежта наречена Метла

Надежта овие денови има второ име – Метла. Но, таа Метла нема да заврши работа, ако нема план и цврсто решение конечно да се направи тоа што требаше да започне уште пред две години. Тоа што го кажавме од говорницата на 17 мај 2015 година, сега на многумина им се чини како далечен спомен на неисполнети сништа. Но, подобро доцна, отколку никогаш. Сега, слушаме за Метлата, новата надеж на жедните и гладните за Правда.

1894

И додека Неговата Светост, Папата Франциск, со апостолски чекор, ќе изоди дел од скопските улици, изметени како никогаш порано и никогаш потоа, вака вознесени, мислиме и се благонадеваме на една Метла, за која слушнавме од устата на предобриот помирувач и премиер Зоран Заев. Сите сме во исчекување, тој да ја земе таа Метла и да се размава наоколу, некаде со мекиот дел, некаде со тврдиот крај, со дршката. И благонадежноста е побожно упатена попрво кон Страшниот Суд, а не кон Утешението Грешним и Воскресението на Режимот.

Метла. Убав збор, околу кој може да се врти размислувањето на овој историски ден за Република Северна Македонија која, за разлика од времето на Режимот, не е заобиколена во балканските обиколки на најважните луѓе во светот. И додека ја слушам проповедта на Неговата Светост, моите мисли прават една прилично приземна и световна обиколка по разните сектори во лавиринтот на системот.

Надежта овие денови има второ име – Метла. Но, таа Метла нема да заврши работа, ако нема план и цврсто решение конечно да се направи тоа што требаше да започне уште пред две години. Тоа што го кажавме од говорницата на 17 мај 2015 година, сега на многумина им се чини како далечен спомен на неисполнети сништа. Но, подобро доцна, отколку никогаш. Сега, слушаме за Метлата, новата надеж на жедните и гладните за Правда.

Во пресрет на посетата на Неговата Светост, а веднаш по изборите, Батето го ослободија и од неговиот раскошен домашен притвор. Тоа не личи на Метла, но можеби се чека Светиот Авион да одлета со драгоцениот гостин, па „генералката“ навистина да започне. Ајде, уште толку (трошка) Надеж ќе најдеме во себе… Или ќе има уште причини за одложување? Ако има последен повод и изговор да се одложува Метлата, тоа секако е посетата на Неговата Светост. Ништо друго не може да биде изговор, бидејќи сите можни изговори се исцрпија и избледеа на сега пожолтената хартија со декларации и ветувања.

Има ли цврстина, посветеност и знаење со кои може премиерот да ја закити својата Метла, пред да замавне со неа? Ако и понатаму се „негува“ слепата побожност и почитувањето, а не менувањето на законите што беа креирани во времето на Режимот, нема Надеж дека Метлата навистина ќе чисти.

NOTA BENE: Ако само се сменат неколку министри и директори на јавни установи, нема Надеж, поточно нема Метла. Системот е длабоко заболен и контаминиран со цели баталјони од партиски слепи послушници од врвот па до дното на хиерархијата. Треба да си одат. А неказнивоста мора навистина да престане. Нема потреба од нови изјави за тоа. Ги запомнивме сите изјави. Сега е време да видиме како работи Метлата.

Десетици, стотици, па и илјадници шрафови на Режимот треба да си одат. Најмалку сто институции може да се затворат за еден ден. Судии, обвинители, директори, управни одбори, шефови, инспектори, градоначалници, пратеници, партиски лидери, полициски и воени старешини, професори, наставници, претседателот во заминување, претседателката во обид, продуценти на лажни вести и говор на омраза… (продолжете го списокот, можете да ставите и имиња во него, нема да погрешите). Сите тие треба да се соочат со Правдата и да одговараат за своите неславни улоги во уништувањето на човечки животи и колаборационизам со Режимот.

А Владата? Да се преполови. Доволни се 10, 12, еве, 13 министерства. Плус Премиер и неколку (помалку од 10) советници. In nomine Patris et Filii et Spiritus Sancti. Amen.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...