Најдобриот тенисер на светот Рафаел Надал истакна дека му е драго бидејќи Новак Ѓоковиќ ќе се натпреварува на турнирот во Барселона.
Надал минатата недела ја освои 11-та титула на Мастерсот во Монте Карло, а оваа седмица ќе се обиде истото да го направи во Барселона.
– Освојувањето на Мастерс никогаш не е рутина. Турнирот во Монте Карло е првиот кој го завршив без било каква повреда, иако играв добро против силни противници во текот на целата седмица. Сега треба да се посветам на Барселона, која без сомнеж е најдобар турнир од серијата 500 што се игра на земјена подлога – истакна шпанскиот тенисер.
Тој наведе дека е значајно на турнирот да учествуваат тенисери како Ѓоковиќ, а двајцата можат да се соочат во четвртфиналето.
– Многу е значајно за турнирот да учествуваат играчи како Ѓоковиќ. Иако тој првично го немаше овој турнир во распоредот, одлучи да го додаде со цел што побргу да се ослободи од повредата. Да сум јас на негово место, истото ќе го направев – истакна Шпанецот.
Надал и Ѓоковиќ се слободни во првото коло.