Најдобриот тенисер на светот Рафаел Надал откри дека разговарал со Енди Мари за неговото враќање на терен по повредата.
Британскиот тенисер го повреди колкот на Вимблдон и оттогаш не игра, а во почетокот на годината одлучи да оди на операција.
Мари најави дека планира да се врати во периодот со турнири на трева, но тој веќе се наоѓа на листата на пријавени за Ролан Гарос.
– Сум бил во таква ситуација. Знам колку е тешко и фрустрирачко да работите секој ден и да не можете да го видите светлото на крајот од тунелот. Не го гледате напредокот, но кога еден ден ќе се појавите на терен се чувствувате подобро – истакна Надал.
Според шпанскиот тенисер најважно за Мари е да се врати на терен, но тогаш кога ќе биде во потполност подготвен.
– Враќањето не е лесно. Ако е Енди здрав ќе се врати. По долгата пауза во почетокот межеби нема да победува, но тој не заборавил како се игра тенис. Набргу потоа повторно ќе се бори за трофеи – нагласи најдобриот тенисер во светот.
Надал наведе дека иако со Мари се ривали на теренот, тие меѓусебно контактираат и дека пријателството им е важно.