Туристите кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје, се Јужнокорејци, членови на невладина организација кои претстојувале во општина Свети Николе за да држат предавања за мир и пријателство.
Ова го потврдува објавата на градоначалникот на општината, Сашо Велковски на официјалниот фејсбук профил.
„Денес основните училишта во Свети Николе беа посетени од тим на невладината организација “Heavenly Culture World Peace Restoration of Light (HWPL)“ од Сеул, Јужна Кореја. Одржаа работилници на тема „Мир, толеранција и меѓусебно разбирање“ со ученици од 7,8,12 и 13 години и ги наградија учениците со подароци. Исто така при посетата беа договорени понатамошни активности кои ќе се развиваат со меѓусебна соработка“ напиша Велковски на официјалниот Фејсбук профил.
Вчера на социјалните мрежи кружеше видео на кое се гледа дека непознато лице вербално напаѓа Кинези во центарот на Скопје. Насилникот ги снима сопствените навреди и ги псуе луѓето мислејќи дека се Кинези кои можат да му пренесат корона вирус. Тие молчат и гледајќи во мобилните се обидуваат да избегнат конфликтот со провокаторот. Засега не е познат идентитетот на лицето.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска им се извини на туристите и побара брза реакција од МВР.
– Говорат на омраза, недоличното однесување, говорот којшто создава фрустрации и конфронтации во македонското општество е непожелен. Дури и тогаш кога се употребува во политички цели тоа создава поголеми конфронтации и меѓу населението. Им се извинувам на туристите и апелирам на одговорност кај граѓаните – рече Спасовски.
Спасовски, како што рече, очекуваа МВР, министерот ќе постапат брзо, ефикасно, ќе преземаат мерки и ќе се преземаат соодветни санкции кон секој кој го нарушува интегритетот, достоинството на секој човек без разлика дали е тоа граѓанин на земјава или турист.
– Сите треба да бидеме длабоко свесни дека сите сме лицето на државата. Одговорност кон државата имаме сите, безбедноста сме сите, не се само институциите на системот, туку секој граѓанин, медиумите, институциите на системот, претпријатијата – рече Спасовски.