Што е она кое нашите најдобри медиуми ги поврзува во методолошка смисла со нашите најлоши „националисти“? Света борба. Овде повеќе нема човек, кој евентуално, би напишал текст, овде сите се во филмот на „света мисија“ (или „јавниот ангажман како повик“?). Или се борат за народот, или се борат за државата, или за верата, или за човечките права, или за светоста на своето возвишено „Јас“.
Одамна сум на социјалните медиуми, а ете, денес сум редовен колумнист во најтиражниот печатен дневен весник кој ужасно внимава да се пишува фер и објективно (мислам на оние луѓе кои објавуваат свои коментари или имаат „столб“ во овој весник наречен колумна). Сакам да кажам дека денес во медиумскиот простор најмногу сакаме навреди, така што се изборивме и за нејзиното постоење. Навредата кај нас доби легалитет и легитимитет, неа не ја санкционира ниту законот, ниту јавноста, ниту еснафот. Таа повеќе не е нешто непосакувано, не претставува етички или културолошки испад, туку претставува стилска фигура: се велича како врвен интелектуален дострел, нејзините „епигони“ или „комесари“ се прославените актери на јавниот живот во Македонија.
Имено, иако се работи за инфантилно и тоталитарно поимање за медиумите и медиумските слободи, навредата продолжува да живее со несмален интензитет. Ние велиме, „прилично умно“: за сѐ се виновни фејк-њуз-вестите. Се разбира, повторно промашуваме. Толкави силни навреди на толку мал простор, со толку големи хистерични будалаштини, содржани во тие напади, сакаат да ни ја испратат следната порака: „Ова овде е од Бога напуштен простор и овде работи секој што сака“.
Навреди, бесни, брутални, дури и духовити, се јавуваат како темел на македонскиот журнализам. Уништување, омаловажување, дерење, ругање и етикетирање – се работи за капитални методи на овдешниот јавен говор кои во себе го содржат „духот на времето“. Надоградени од принципите на професијата и маните на нашите јавни работници. Порано овие луѓе се нарекуваа „општествено-политички работници“. За да се надминат овие проблеми, потребна е самоконтрола, ама многу повеќе од тоа, потребно е нешто кое е дефинирано како „автокритичка рефлексија“, нешто како контра-метод, како темел на едно поинакво размислување, па дури и ако сакате еден нов стил во пишаниот збор, во кое евтината слава („Е, го растури, мајка му расплака, секоја ти чест“!) ќе се замени со сериозна работа, методолошко истражување, темелно читање ако сакате, прецизни дефиниции, луцидни опаски во регистрирање на процесот и проблемот.
Навредата не само што носи популарност, таа истовремено е полесниот пат. Лесно е да се ругаме, отколку прецизно да го анализираме проблемот и објективно да детектираме што е тука што. Се поставува прашањето, „дали новинарите придонесуваат за формирање на политичката култура“? Или и тие се на иста задача како и политичарите, за сеопфатна политика од деструкција, деструкција која стана темел на една изгубена журналистичка генерација и едно упропастено време? Таа генерација беше дел од мене, од времето на „шарената револуција“, го носеше својот младешки бунт која со својата ураганска енергија го смени Груевски и неговите „епигони“, а денес го има единствениот проблем, типично за еден преврат: нема кој со кого да се смени. А и не само тоа: нема никакви нови идеи.
Наоми Клајн во книгата „Доктрина на шокот“ вака пишува: „Стратегијата на Фукујама за разулавениот капитализам беше јасна – не се расправа со неважните, па наместо тоа, веднаш се прогласува превентивно победа“. Е, токму тоа е најчестата особина на нашите „полемичари“. Многу ретко полемизираат со ставовите на противникот. Тие расправаат со противникот на начин што се „караат“ (го обожавам овој израз, „карање“!), ја поништуваат другата страна и го глорифицираат својот лик и дело. Притоа не им е јасно дека во полемика нема однапред освоена победа во која ти однапред ќе се прогласиш за победник. Суштината е во размената на ставови, во соочување на своите идеи, па дури на крајот би можело да дојде и до синтетизирање на тие почетни спротивставени ставови. Значи, победата како императив тука е непосакувана. А, ако веќе не се може без неа, таа сама не се прогласува за победа, туку се стекнува во политичкото поле. Значи, или си победил, па нема потреба тоа да го истакнуваш, или си изгубил, „па тоа ти е покритие за себеси да се прогласиш за победник“.
Да се биде пристоен значи да се биде свесен за својата, ама и за туѓата позиција, што значи дека за да се биде пристоен значи дека интелектуално си самокритичен. Пристојноста е конвенција која ни овозможува комуникација. И затоа што и дава смисла на самата комуникација. Затоа што кога на ваков начин зборуваме за пристојноста, не зборуваме за манир, туку зборуваме за методот што се нарекува мислење и пишување, а тука веќе се наоѓаме на самиот темел на оваа професија која се нарекува новинарство (односно журнализам).
Што е она кое нашите најдобри медиуми ги поврзува во методолошка смисла со нашите најлоши „националисти“? Света борба. Овде повеќе нема човек, кој евентуално, би напишал текст, овде сите се во филмот на „света мисија“ (или „јавниот ангажман како повик“?). Или се борат за народот, или се борат за државата, или за верата, или за човечките права, или за светоста на своето возвишено „Јас“. Ваквата сакрализација на политичките цели е најопасниот дел од полемичкиот, журналистичкиот и политичкиот манир. Ваквата сакрализација од политичките неистомисленици создава непријатели, а веднаш потоа следи чистење и уништување.
Живееме во упропастен простор на кој му требаат нови поими за професионализмот. Не постои креативност, медиумите со децении се исти, концептуално и идејно никогаш не се помрднаа од концептите на деведесетите. Светот поминува низ драматични битисувања, и сите тоа го гледаат, сите тоа го чувствуваат. Првобитната акумулација на вербалното насилство никако да престане. Таа хронична некреативност ја пронаоѓаме во жестината. И потоа веднаш доаѓаат глупавите медиумски „аргументации“: „нели гледаш колкав криминал владее, ако мојата жестина е проблем, нека оди сѐ по ѓаволите“.
Смени го дискурсот, мајсторе! Треба да се разбере дека жестината е проблем која создава нерешавање на проблем. Јавен говор што содржи гомно, канализација, тиња, ѓубре, стока, будала, клозетска крпа, шоља – малку луѓе ќе му веруваат. Е, токму тоа ни се случува – проклетство на затворениот круг: последицата не може да побегне од причината, затоа што причината произведува, контролира и ги поттикнува условите кои ја приготвуваат последицата.
Не знам кој напиша и каде, ми се чини дека беше на Твитер: „Разбери, стоко, ова е Македонија…“, а под него имаше: „да, ама е и Северна, глупаку“.