Навиките од нашата правна и политичка традиција

Како се снаоѓаш во услови на слобода и на демократија, прашувам во тие турбулентни деведесетти години, некогашен колега од студии, кој раководеше со институција од која сега се очекуваше да биде независна од партијата. Ако сум седнат, уште застанувам мирно кога ќе ми се јават на телефон од партијата, одговара тој со смеење и додава: Навика. 

1296

Заговорот против правната држава не е од вчера. Нашите почетоци се веднаш по војната кога правдата на Партијата како авангарда на работничката класа го имаше одлучувачкиот збор секаде па и во судството. Зборувам за револуционерната а не за „обичната“ правда. Интересно, непријателите на народот биле судени според сите формални постапки на демократските системи во светот. Обвинетите имале и бранител. Бранителот, пак, свесен за одлучувачкиот збор на „судот на паријата“ ја играл играта на адвокат во вистински суд без намера навистина да го одбрани обвинетиот. Но, што можел друго да прави? Раскажуваат дека, непосредно по војната, на едно судење одбраната почнала со серија бесмислени прашања: Дали обвинетиот има мајка? Да. Судот да констатира дека обвинетиот има мајка. Дали обвинетиот има татко? Да. Судот да констатира дека обвинетиот има татко. Дали обвинетиот има брат или сестра? И така натаму и на тоа слично. Се само не вистинска одбрана. С-м-р-т, се тресел Офицерски дом, каде што се одржувало судењето, од извиците на присутните внатре и надвор. Таква била и пресудата.

Татко ми, партизан, во својата последна и недовршена книга „Јазли“ вака ја опишува еуфоријата на победниците:„Младоста потпалена од пожари, ја нема трпеливоста на староста ( а каде е таа?). Комунистичката правдина мора да се донесе – ако не денес- утре, најдоцна утре. Чекање нема. Доста сме чекале – пет ипол векови, велеа насекаде. Се е младо на градилиштата; млади војници, млади работници, млади селани, млади чиновници, млади уметници, песнопојци, учители, овчари, парталковци со чисти души, сообраќајци на Плоштадот – „Едно свирење на возикото  – право, две свирења – десно, три свирења – лево!“. Староста во тие накрилени денови ја немаше. Небаре никогаш ја немало. Небаре таа не ја родила младоста туку само од себе се создала. Останале младите сами да го кројат новото живеење со паролите донесени од шумите, од сртовите, без мудроста на старите“.

Потоа, врз таа младост, се конституира народната власт во две паралелни пирамидални структури. Едната со формална а другата со фактичка власт. Првата, демократска по форма, втората диктаторска. Имаше парламент, но имаше и централен комитет на единствената партија; имаше влада, но и политбиро на Партијата; имаше претседател на државата но и генерален секретар на Партијата. Обвинителите и судиите беа, се разбира, луѓе од најдоголема доверба на партијата. Значи, додека формалната власт беше во државните структури (парламент, влада, судови), фактичката власт беше во Партијата. Во една анегдота од тоа време, шефот на партијата, седнат во првиот ред, му дава сигнал на татко ми, тогаш секретар на Народното собрание, да побара од претседателот на президиумот петнаесет минути пауза. Татко ми му шепоти на претседателот: Другарот Лазо бара петнаесет минути пауза. Револтиран, претседателот лутито, со шепот, му возвраќа на татко ми:Па кој е тука претседател, тој или јас. Потоа, со широка насмевка на лицето и со полн глас се врти кон микрофонот и вели: Петнаесет минути пауза.  Да, сите знаеле каде е вистинската власт – во Партијата.

Неколку децении подоцна, аулата на Правниот факултет во Скопје ја красеа сиви бисти на загинати партизани кои биле правници или студирале право. Симболично, дотаму допираше нашата правна традиција. Нашето општество не знаеше ниту за Реформација ниту за Просветителство, доба кога во Западна Европа се поставувале темелите на демократската и на правната држава. Кога, на почетокот од деведесеттите се распадна Комунистичката партија на Југославија, исчезна фактичката власт која ја држеше земјата заедно. Останаа само празните лушпи на државните институции. Пред нас беше тешката задача, со која се мачиме до денес. Имено, тие празни лушпи да се исполнат со нова содржина. Во образованието и науката не беше ништо поразлично. Со што да се заменат бистите на партизаните кои, во тие години, мистериозно исчезнаа, токму онака како што беа поставени? Се разбира, ако навистина сакавме да станеме дел од единствена Европа, онаа на слобода, демократија и човекови права,  на нивно место требаа да дојдат мислители на Просветителството: Кант, Русо, Монтескје, Адам Смит, Волтер, Хјум или Дидро. Но, тие, за огромниот број професори, а уште повеќе за македонското општетсво, немаа никакво значење. Значење за нас, рече група професори, има еден среднвековен деспот, Јустинијан Први, кој, ете, бил роден во Таор крај Скопје. И така, на прагот на дваесет и првиот век, во ерата на слободата, демократијата и човековите права, мојот факултет се преименува во „Јустинијан први“ и  осамна првиот голем рељев во факултетската аула кој го прикажуваше царот Јустинијан седнат на престолот со закониците кои ги кодифицирал во рака испружена кон своите поданици. Поданиците, пак, беа спространи на земјата пред него. Тоа е моментот кога во Македонија почна фамозната „антиквизација“, всушност, кога исплашени од предизвиците на модерното време и од иднината(професорите требаа повторно да учат, а политичарите да градат демократска и правна држава), спас побаравме во минатото.

И демократијата ни донесе главоболки. Повеќепартискиот систем ги исполни институциите со национализам, давајќи му демократски легитимитет. Никој не можеше да оспори дека тој, национализмот, е одраз на вољата на народот изразена на избори. Бидејќи национализмот, историски гледано, е еднаков на војна, следеше и војна во Југославија. Неисцрпните патриотски чувства на народите на федерацијата гарантираа дека национализмот, виновникот за војните, уште долго ќе остане најбараната стока на политичкиот пазар. Притоа, во Македонија се создаде нешто што наликуваше на повеќе еднопартиски системи, зашто секој кој ќе ја освоеше власта на демократски избори, по навика, земаше се. За вистински плурализам во кој ќе коегзистираат и ќе се почитуваат различни идеологии, не стануваше ниту збор. Оттаму и немоќта да ја создадеме демократската држава како центар за помирување на конфликтните интереси на македонското општетсво. Немоќта да создадеме систем спсобен да произведе политички консенсусу околу прашања од животно значење на државата и на нејзините народи. Немоќта да создадеме правна држава. По  навика, партиите  ја заробуваа државата ставајќи ги под тотална партиска контрола сите три гранки на власта: законодавната, извршната и судската. Тоа извираше од нашата политичка традиција со столетија наназад, а друга, демократска, немавме. Таа традиција произведе идентична состојба на умот на луѓето.

Како се снаоѓаш во услови на слобода и на демократија, прашувам во тие турбулентни деведесетти години, некогашен колега од студии, кој раководеше со институција од која сега се очекуваше да биде независна од партијата. Ако сум седнат, уште застанувам мирно кога ќе ми се јават на телефон од партијата, одговара тој со смеење и додава: Навика.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...