Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални го обвини главниот московски обвинител Денис Попов за незаконско богатење, а како пример ги наведе повеќемилионските недвижнини кои неговото семејство ги има ширум Црна Гора.
Во блогот „Тајниот живот на странскиот агент“ Навални напиша дека пред точно 10 години Ирина Попова, во тоа време официјална сопруга на обвинителот, ја формирала компанијата „Монте бисер“ со седиште во Херцег Нови, пренесува весникот „ Вјести“.
Во црногорскиот регистер сопственици на оваа компанија се Ирина Попова со 65 отсрто удел во неа и оф шор компанијата „Keystone ICG” од Британските Девствени Острови со 35 отсто удел, а на име на компанијата се преведени 300 квадратни метри апартмани и 700 квадратни метри двор во местото Морињ, кај Котор, во Бока Которска, како и околу 8.000 квадратни метри земјиште на локацијата Језерине, кај Колашин.
Фирмата била основана во 2010 година, една докапитализација е направена во 2016 година кога биле вложени 386.000 евра, а фирмата сега има проценет капитал од три милиона евра.
Навални наведува дека во тој период четичленото семејство на државниот обвинител живеела само од платата на обвинителот од 57.000 рубљи, односно малку повеќе од 800 евра месечно. Тој во блогот додал дека на име на фирмата на сопругата бил упишан и хотел на брегот на Морињ, и дека семејството Попов често пати престојувало во него, што го поткрепува со фотографии.
„Апартманите се изградени за продажба, најдовме многу реклами за тоа. Но, ако добро разбравме, не е продаден ниту еден. Па сето е останато во имотот на сопругата на обвинителот. Резултат на тоа е хотел со простор поголем од 1.000 метри квадратни, што го сочинуваат девет апартмани“, се наведува во текстот на блогот.
Според Навални, рускиот претседател во септември годинава со личен декрет го именува Денис Попов за московски обвинител и затоа не очекува сега да го смени заради незаконско богатење на неговото семејство.
– Путин сака кога подредените му се крадци. Уште повеќе сака кога подредните му се откриени во крадењето. Само што во таквите случаи нивната лојалност се зголемува за 300 отсто – напиша Навални.
ФОТО: EPA / SERGEI ILNITSKY