Навалица од пациенти во амбулантата за кожновенерични болести во ГОБ „8. Септември“ во Скопје каде прегледува единствената докторка која од вчера не е во самоизолација за коронавирусот, како што, за жал, се нејзините стотина колеги од главниот град, но и од неколку други градови во земјата.
Тие пред три дена биле на предавањето заедно со сега веќе заболената од коронавирус, директорката на Клиниката за кожни болести, па затоа се во самоизолација, заедно со членовите на најтесното семeјство, сопрузите и децата, кои исто така треба да седат дома. Поради тоа на прсти се бројат дерматолози во земјава кои од денеска можат да прегледуваат и лекуваат пациенти. А на закажаните пациенти за кожно денеска им се јавуваат преку телефон од амбулантите дека ќе бидат прегледани по две недели, но со нов упат.
А докторката во „8. Септември“ денеска само до 13 часот прегледала повеќе од 15 пациенти. Таа не сакаше да го објавиме нејзинито име.
– Од секаде преземаме итни пациенти, а работи само една докторка којашто не била во контакт со директорката на кожна клиника, таа е и на одделот и на кабинет – и прегледува и потпишува отпусни листи и друго. Ги сортираме пациентите, се примаат оние кои се итни случаи – со алергии, уртикарии, со херпес зостер, а сите други ги преупатуваме на друга итна служба во болницата – ни кажа медицинската сестра на шалтер бидејќи докторката беше презафатена со прегледи.
И од Министертвото за здравство посочија дека сите пациенти од Клиниката за кожни болести ќе ги добиваат регуларните прегледи во Градската болница „8. Септември“.
Од Лекарската комора на Македонија денеска изјавија дека пациентите, наместо на Клиниката за кожни болести, која од вчера е под клуч поради коронавирусот, можат да се јавуваат на преглед во ГОБ „8. Септември“, Клиничката болница „Аџибадем Систина“, Општата болница „Ремедика“, како и во Клиничката болница во Битола, Штип и во Тетово.