Јагма за заштитни маски во аптеките во Скопје, граѓаните на секаков начин се обидуваат да се заштитат од загадениот воздух, надвор со маски, дома со пречистувачи на воздухот. Пулмолозите предупредуваат дека од опасните загадувачи на воздухот можат да не заштитат само маските со хепа филтри! Преполна со пациенти е и Универзитетската Клиника за пулмологија, на која деновиве освен пациенти со астма, ХОББ, на кои им се влошила здравствената состојба, се хоспитализираат и оние граѓани кои се разболеле од воспаление на белите дробови.
– Маските многу се трошат откако почна зимата и се зголеми загадувањето на воздухот, но ретко кој од граѓаните бара од специјалните маски – тие со најситен филтер за штетните честички. Најчесто се продаваат маските кои чинат од 200 до 485 денари. Немаме од тие специјалните, но и овие добро се трошат – велат во аптека во центарот на Скопје.
Скопјанка, која од оваа година почнала да користи маска, за барем малку да се заштити од загадениот воздух, раскажува:
– Си купив маска од 100 денари, не знам колку ме штити од загадениов скопски воздух, но барем нешто морам да ставам преку устата додека се движам во еден од најзагадените делови од градот – од улицата 50 дивизија, каде живеам, до работното место, во близина на Католичката црква. Мислам дека и тоа што почнав да кашлам деновиве ми е токму од загадениот воздух – вели оваа скопјанка.
ПМ 10 се многу ситни честички со големина до десет микрометри кои содржат канцерогени метали, прав и други опасни материи. Додека ПМ 2,5 честичките се четирипати помали од првите и можат да навлезат и во крвотокот.
На Клиниката за пулмологија се бара кревет повеќе уште од пред неколку недели.
Директорот на оваа установа, проф.д-р Дејан Докиќ, советува:
– Само маските со хепа-филтер заштитуваат од загадениот воздух бидејќи ги филтрираат и ПМ 10 честичките, а тоа се оние маски коишто што ги делевме лани, но ги има и во аптеките. Додека за ПМ 2,5 честичките се уште нема студија која би докажала која е заштитата од нив. Особено да внимаваат пациентите кои се хронично болни – тие на вакво време не треба воопшто да излегуваат надвор или ако мораат, што пократко да престојуваат и задолжително да ги носат маските! Како и задолжително да ја земаат редовната терапија за зголемен крвен притисок, за срцеви и други заболувања – вели д-р Докиќ.
Најчести пациенти кои деновиве завршуваат на Клиниката за пулмологија се оние со астма, со хронична опструктивна белодробна болест, со опструктивен бронхитис, но сè почеста дијагноза е и пневмонија.