Мoже ли Кундера по вторпат да стане Чех?

984

Неодамнешната средба на чешкиот премиер Андреј Бабиш со Милан Кундера, една од  чешките икони на дваесетиот век кој, со сопругата Вера, веќе четириесет години живее во Франција, по којзнае кој пат ја актуелизира темата за писателите во егзил. Бабиш, имено, му понуди на Кундера и сопругата да им се врати чешкото државјанство, што тогашните власти им го одзеле 1979 година. Одговор на понудата сé уште нема, што ги размножува шпекулациите, а и прашањата во врска со писателите во егзил. Нивниот број не е мал: Томас Ман, Бертолд Брехт, Ернст Блох, Ремарк, Солженицин, Салман Ружди, Набоков, Бродски, нашиот Венко Марковски, па Дубравка Угрешиќ…

Како и зошто Кундера стана егзилант?

Познати се низа детали од биографијата на Кундера, за коишто овој новински простор е отповеќе скуден. Знајно е дека догодина напролет (1. април, ист знак во зодијакот со Бохумил Храбал) Кундера ќе наполни деведесет години. Речиси половината од нив – во Франција. Татко му Лудвиг, угледен музиколог, управител на Музичката академија ,,Јаначек” во Брно. И Милан тргнува по стапките на татка си, ама бргу одбрал друг животен пат, поплочен со зборови наместо со ноти. Уште во тинерџејски години, како и повеќето свои врзници, Кундера се придружува на Комунистичката партија на Чехословачка која, како што е познато, ја презема власта во државата во 1948 година. Тоа е годината кога Кундера од Брно, со гимназиска диплома се преселува во Прага да студира литература и естетика на Факултетот за уметности на Карловиот универзитет. Тука не го фаќа место, па се префрлува на Факултетот за филм при сега култната Филмска академија во Прага, каде што посетува предавања по филмска режија и пишување сценарија.

Во 1950 година – ,,стоп кадар” во неговите студии. Заедно со писателот Јан Трефулка, не ја потрефиле работата и биле исклучени од Партијата заради ,,антипартиски активности”. Ако не бил овој настан, којзнае дали воопшто ќе настанел и како ќе изгледаше романот-првенец на Кундера ,,Шега”, објавен дури 1967 година. Во меѓувреме, сепак го завршува факултетот и останува на него како предавач по светска книжевност. Во 1956 година повторно е примен, а во 1976 година повторно е исклучен од Партијата. Делумно учествува во ,,Прашката пролет” од 1968 година загушена со советската инвазија врз Чехоловачка истата година. Од тоа време, позната е неговата жестока полемика со Вацлав Хавел, тврдејќи дека треба да се остане смирен, дека ,,никој сé уште не е уапсен заради своето мислење” и дека ,,важноста на Прашката есен на крајот може да биде поголема од онаа на ,,Прашката пролет”. По таа полемика Кундера се откажува од своите реформски идеи и во 1975 година се преселил во Франција, по патот на егзилот што го поминале и еден Брехт, Блох, Томас Ман, Ремарк, Солжењицин, Бродски, Угрешиќ… Во 1979-та му е одземено чехословачкото државјанство. За македонскиот читател, во врска со селидбата на Кундера во Франција може да биде интересен еден ситен детал: по сплет на разни околности, професорот Иван Доровски, угледен филолог и член на МАНУ од надворешниот состав, со сопствениот автомобил го префрлил Кундера на железничката станица во Брно и последен му посакал среќен пат.

Накодошен ,,кодош”

Иако веќе преселен во Франција, авторот на ,,Шега” продолжува да пишува на чешки, а ,,Книгата на смеата и заборавот” и ,,Неподнослива леснотија на постоењето” веќе ги објавува во Париз, во превод на француски јазик. Од 1993 година тој пишува и објавува на француски. Само некои од нив со негова дозвола се преведени на чешки.

Главниот курцслуш во односите со родната земја настанува есента 2008 година, кога чешкиот неделник ,,Респект” објави дека Кундера наводно го кодошел на полицијата младиот чешки пилот Дворачек. Дотичниот Дворачек во 1950 година побегнал од Чехословачка и подоцна се вратил и се сместил во студентската спална на девојката на некој негов пријател. Нејзиниот љубовник, а подоцна и сопруг Иван Дласк го познавал Кундера и му кажал за присуството на Дворачек во градот, а овој ја информирал полицијата за тоа. Бизарната приказна завршува така што Дворачек бил осуден на 14 години работа во комунистички работен камп. Пердувите од перницата се веќе пуштени да лебдат во јавноста, неделникот ,,Респект” објавува дека Кундера категорички порекнува дека воопшто не го познава Дворачек, а самиот Дворачек подоцна изјави дека верува оти бил предаден од девојката во чијашто студентска спална се засолнил, додека историчарот Здењек Пешат веднаш излезе со тврдење дека токму сопругот на девојката Длас бил вистинскиот доушник на полицијата и дека тој самиот му го рекол тоа. Тогаш голем број чешки писатели и интелектуалци, Вацлав Хавел прв меѓу нив, изјавија дека не веруваат во оваа приказна и најостро го осудија обидот за компромитирање на Кундера. Во чешката расправија се вплетка и германскиот весник ,,Ди велт” го спореди Кундера со Гинтер Грас и неговото служење во Вафен-СС дивизијата во Втората светска војна. Не мина ни едeн месец од фрлањето кал врз лицето на големиот писател, во негова одбрана јавно застанаа единаесетмина  меѓународно признати писатели: Салман Ружди, Филип Рот, Карлос Фуентес, Габриел Гарсија Маркес, Ј.М. Кеце, Орхан Памук, Хорхе Семпрун и Надин Годимер. Петмина од нив се нобеловци.

Оттогаш, повеќе од дваесет години, Кундера, оправдано лут, нема стапнато на чешко тло. Сегашната јавна понуда на премиерот Бабиш да му го вратат државјанството на Кундера, со оглед на возрасна на писателот, се смета за последна прилика за помирување на татковината со Кундера. Од самиот писател не се чу ни збор за оваа иницијатива. Кундера, впрочем, повеќе од 35 години не дава никакви изјави и интервјуа. Во Чешка би сакале и се подгреваат надежи, но на мнозина им е совршено јасно дека вистинските егзиланти ретко се враќаат. Дури и тогаш кога тоа се може, кога во неговата татковина дошло до суштински промени. Зошто би го повторувал истиот пат? – се прашува Дубравка Угрешиќ, наведувајќи дека само ретки имаат сила за два егзила. Таа упатува на примерот со Јосиф Бродски, кој во книгата интервјуи, одговарајќи на прашањето за евентуалното враќање во Русија, на новинарот му покажал едно писмо со грда антисемитска порака. Очигледно, му требала некаква пречка, затоа што не знаел или не сакал да го артикулира своето ”не”.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...