М-НАВ: Не е нарушена безбедноста на македонското небо

Во август годинава два пати го срушивме рекордот на прелети над нашето небо, кој достигна бројка од 1.028. По 10 години се спроведе селекција на нови контролори на летање, според највисоки стандарди и во координација со сите релевантни европски институции во воздухопловството, токму со цел одржување на безбедноста на највисоко ниво.

428

АД М-НАВ ги отфрла како невистинити последните информации пренесени во повеќе печатени и електронски медиуми, како и изјавите на одредени претставници на синдикати и политички партии.

„Одговорно тврдиме и ги демантираме последните шпекулации, во ниту еден момент безбедноста на македонското небо не е доведена во прашање. Ова тврдење е поткрепено од фактот дека сите надлежни институции задолжени за постојан надзор на нашето работење, како Владата, Агенцијата за цивилно воздухопловство и светските релевантни воздухопловни власти, меѓу кои Европската организација за безбедност на воздухопловната навигација – Еуроконтрол, Интернационалната организација за цивилно воздухопловство и Европската организација за одржување на безбедноста на авио сообраќајот го поддржуваат и поздравуваат постојаниот напредок и начинот на функционирање на АД МНАВ“, стои во соопштението од компанијата.

Осврнувајќи се на состојбите во последните година и пол, М-НАВ наведува дека бележи раст на приходите од три милиони евра поради зголемувањето на воздушниот сообраќај за околу 15 отсто (прелети и полетувања/слетувања Скопје и Охрид), кој е опслужен со истите човечки ресурси како и претходно, но со имплементација на голем број новитети и поддршка на Еуроконтрол.

„Во август годинава два пати го срушивме рекордот на прелети над нашето небо, кој достигна бројка од 1.028. Покрај одличните финансиски резултати без никаква забелешка по 10 години се спроведе селекција на нови контролори на летање, според највисоки стандарди и во координација со сите релевантни европски институции во воздухопловството, токму со цел одржување на безбедноста на највисоко ниво. Сите нови вработувања во периодот од година и пол се спроведени согласно позитивните законски прописи и притоа се работи за искусни контролори на летање кои се вратија од Швајцарија и Србија, како и искусни инженери. Оние вработувања кои се во административниот дел, се како резултат на пензионирања и зголемен обем на работа, а истите се неопходни за реализацијата на проектите за модернизација на системот за контрола на летање, кои се пролонгирале повеќе од пет години“, информира М-НАВ.

Во врска со написите за преселување на дел од вработените под кирија во други простории, компанијата потенцира дека настанатата состојба со канцелариите во Палатата „Лазар Поп Трајков“ е последица на недоговорната усна наредба на претходниот менаџмент во М-НАВ, кој по насока на претходната влада ги префрлил сите вработени во објект каде нема технички прием.

„Поради горенаведеното се до обезбедувањето решение за технички прием, новото раководство размислуваше за изнајмување на привремени простории, но идејата не се реализираше“, пишува М-НАВ во денешното соопштение.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...