Мухиќ: На 27 април како да имаше команден штаб

996

Поради два уверливи дијалога кои ги слушнал помеѓу лицата кои упаднале во Собранието, пратеникот Ферид Мухиќ вели дека стекнал впечаток како за сето тоа да постоел команден центар. Дијалозите тој ги слушнал додека се криел во галерија на една од салите во Собранието каде отишол откако избегал од галеријата која се наоѓа во прес центарот.

– Првата работа беше кога дојде некој човек кој праша: „Што стана со Села?”. Следеше одговор: „Села е готов”. „А останатите?”, праша гласот на што одговорот беше: „Ќе видиме, засега е само Села”. Односот на авторитетот на тој што прашуваше и тој што одговараше ми сугерираше за некаква хиерархиска поставеност помеѓу нив. Вториот момент е кога еден човек со капулјача на глава, црна маичка и бермуди дојде, ме виде и дури пријателски ми рече да останеме тука и да не излегуваме. Потоа дојде еден друг глас и рече: „Изгледа дека доаѓаат шиптарите со оружје”. Овој рече: „Провери, не брзај ако е точно дај им оружје на луѓето” – раскажа Мухиќ сведочејќи во Кривичниот суд за настаните од 27 април лани.

На прашање на обвинителката како се чувствувал на 27-ми тој кажа дека стравот никогаш не му бил одлика на карактерот, а на овие години би било срамота да се плаши. Но, како што рече, бил длабоко потресен. Мухиќ рече и дека се разочарал од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи очекувал да застанат пред луѓето кои демонстрираат и да кажат дека Собранието е нивен заеднички дом.

– Имам добра меморија, не заборавам, но простувам – рече Мухиќ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...