Муса Џафери: Со Ахмети работиме 40 години, можно ли е да има судир меѓу нас?

Функционери на ДУИ велат дека позитивно се изненадени од реорганизацијата на Генералниот совет, односно дека за 30 отсто е освежен највисокиот партиски орган.

4748

Со Али Ахмети работиме 40 години, еве најдете некои други политичари кои толку години соработуваат и судете дали е можно да има судир помеѓу мене и лидерот на партијата, Ахмети. Ова е коментарот на Муса Џафери, ексфункционер на ДУИ откако на четвртиот Конгрес на партијата остана надвор од највисокиот орган Генералниот совет.

Тој е дециден дека ниту тој, ниту сопартијците кои не биле избрани во Генералниот совет имале недоразбирања во партијата.

– Тоа што не сум дел од Генералниот совет е внатрешна одлука на партијата. Тоа е стратегија и комбинаторика. Ќе бидам активен во партијата. Нема внатрешни недоразбирања. Нормално е да има реорганизација во партиските тела. Бевме запознаени дека нема да бидеме дел од Генералниот совет, бидејќи за ова се разговараше на Централното претседателство. Како еден од основачите на партијата сега активно ќе се вклучам и ќе помагам во кампањата за предвремените парламентарни избори – ни изјави Џафери.

Тој вели дека конкуренцијата во партиите секогаш е жестока и дека на избори се докажува кој вреди.

Во новиот состав на Генералниот совет не влегоа ни вицепремиерот Садула Дураки,  контроверзниот Бекир Асани, поранешниот вицепремиер Хазби Лика, како и Аднан Јашари, Фатмир Бесими, Атила Реџепи, Рафиз Алити…

Според партиски извори, некои од мошне експонираните кадри на ДУИ не се веќе дел од најтесното раководство на партијата поради забелешки на членството дека не работеле доволно.

Иако се обидовме, не добивме коментар од ниту еден од сопартијците на Џафери кои не се дел од Генералниот совет. Впечатливо е дека на Конгресот не дојдоа Хазби Лика и Беќира Асани.

Наспроти тврдењето на Џафери дека им била навестена промената, функционери на ДУИ велат дека позитивно се изненадени од реорганизацијата на Генералниот совет, односно дека за 30 отсто е освежен највисокиот партиски орган.

Но, според функционерите, ова е сигнал дека ќе има проветрување и во составот на Централното претседателство, и што е најважно на кандидатските листи за пратеници.

Извори во ДУИ брифираат дека е можно новиот состав на Централното претседателство да биде познат пред изборите, додека најтесното раководство на ДУИ, Ахмети да го темпира по парламентарните избори. Ова ќе значи дека Ахмети ќе ги тестира функционерите колку ќе сработат за изборите, за потоа да го избере составот на најтесното раководство, односно потпретседателите, и партиските секретари.

Според партиски извори, Ахмети досега ниту на претседателство, ниту поединечно не разговарал со актуелните потпретседатели Теута Арифи, Изет Меџити, Невзат Бејта и Садула Дураку дали ќе останат на функциите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...