Муса Џафери во „Монструм“: Бевме загрижени да не дојде до меѓуенички тензии во Скопје

220

Поранешниот вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери на денешното судско рочиште во врска со петкратното убиство кај Смилковското Езеро, рече дека во тој период имало многу нејаснотии за тоа како се третираат и како се водат постапките.

– Ние како политичка партија и јас како функционер бевме загрижени за да не дојде до меѓуенички и меѓурелигиски тензии во Скопје – рече сведокот Џафери.

Претходно, сведочеше и поранешниот министер за правда Блерим Беџети. Тој рече дека со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имале различни убедувања за случајот „Монструм“ и дека како политички субјект барале да се повтори судењето за овој предмет.

– Сметам дека е целисходно да се анализират сите разговори. Судството во овој и во некој други случаи се разниша. Оттука излегува и нашето барања за одложување за предметот и негово повторување. Не беше само за изборите. Ние како политички субјект континуирано баравме да се повтори. Тоа јавно го имаме кажано, не за да се заштити некој, туку заради тоа што се разнишаа и меѓуетничките односи – изјави Беџети во Кривичниот суд.
Тој кажа дека имал една средба со семејствата на обвинети, на која од него, бидејќи во тоа време бил министер за правда е барано да се води фер, праведна и транспарентна постапка.

Во однос на процедурата за екстрадиција на осомничените Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, сведокот Беџети, појасни дека како министер за правда, сите дејствија ги преземал според закон.

При презентација на „бомбите” од страна на обвинителката Фатиме Фетаи, јавноста имаше можност да слушне како Беџети и Џафери, комуницирале со други лица во однос на овој предмет.

По паузата како сведок на денешното судење за „Монструм“ треба да се појави и Зоран Трајковски, вработен во МВР.

На претходните рочиште за петкратното убиство на Смилковско Езеро, сведочеше речиси целиот врв на МВР од 2012 година.

Судењето за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...