„Музика, не мобилни!“ – кампања на Македонската филхармонија

152

„Музика, не мобилни – исклучи го телефонот, вклучи ги сетилата!“ е новата кампања на Македонската филхармонија која ќе почне в четврток, со првиот симфониски концерт во новата сезона и настапот на солистот Лука Дебарг и диригентот Јерухам Шаровски.

Целта е да се подигне свеста кај посетителите да не користат телефони за време на музичките настани. Според директорот Виктор Илиески, невкусно е кога за време на концертите на класична музика, кога, како што вели, имаме мир и благосостојба, кога се одмораме од секојдневието и кога сме силно сконцентрирани на она што како естетика, филозофија и музика ни се нуди, тоа да се нарушува со звуците или блицевите на телефонот.

– Употребата на телефонските апарати им пречи и на оние коишто се на сцената, затоа што постои можност за деконцентрација, одвлекување на вниманието, а со тоа и за несоодветно претставување на делото што го изведуваат. Класичната музика е специфична и бара силна посветеност, огромна жртва и континуирана работа. Сето тоа може да исчезне во само еден миг ако заѕвони нечиј телефон, на пример. И со оваа кампања, покрај, се разбира, програмската политика на куќата, Македонската филхармонија тежнее да биде во чекор со европските стандарди, истакнува Илиески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...