Смртта на Џорџ Херберт Вокер Буш, 41-от претседател на САД, во Македонија помина како протоколарна вест од најобичен, еднодневен вид. На проживеани 94 години, почина последниот од „старата гарда“ американски политичари, ветеран на Втората светска војна.
Не ми е овде намерата да ви го раскажувам неговиот живот и неговите заслуги за американскиот народ како нивен претседател – една неверојатно богата шестдецениска политичка биографија, со повремени контроверзи кои доликуваат на еден американски претседател, со претходен осумгодишен потпретседателски стаж за време на Реган, две години директор на ЦИА и уште претходна репрезентативна дипломатска и политичка, републиканска, кариера… Тоа, впрочем, може да се прочита на илјадници интернет сајтови.
Но, штета е човекот да го испратиме како дневна информативна фуснота, бидејќи тој Џорџ Х. В. Буш – а подоцна прилично и неговиот син, претседателот Џорџ Буш помладиот – за Македонија направи повеќе од, веројатно, кој било американски политичар, а не пак претседател, во нашата национална историја: имено, Буш постариот беше човекот кој јасно ја трасираше американската надворешна политика во воспоставувањето, а потоа и поддршката и заштитата (!), на македонската независна држава во 1991 година!
Молам, да се нема илузии околу тоа, бидејќи да не беше токму тој Буш и неговата администрација, којзнае како ќе излезевме ние како држава по распадот на Југославија, со разните регионални и други апетити околу нас. Тогаш Американците, како единствена преостаната глобална сила, тврдо застанаа на страна на нашата независност, и не го променија ставот до денес, триесеттина години подоцна.
Да, безбедносните и политичките причини за тоа се комплексни и веројатно се најмалку втемелени на американската сентименталност кон нашето овоземно (библиско!) национално постоење (џанам!). Но, фактот што нашата државна независност влезе во описот на американските „национални интереси“ во Европа не го прави ни малку понезаслужен починатиот претседател Буш за наша голема почит. Напротив!
Се разбира дека никој важен од Македонија не отиде ни на неговиот погреб. Отиде Меркел, бидејќи деновиве нема многу работа, а и бидејќи Германците ја разбираат важноста на Џорџ Х. В. Буш за германското обединување, во истите години кога ние станувавме независни. Човекот кој е во кабинетот на македонскиот претседател – веројатно презафатен со разните аспекти на своето имплицирање во настаните од 27 април – не испрати ни телеграма со сочувство до американскиот народ по повод смртта на нивниот 41-ви претседател.
Изрази на сочувство и уважување кон Буш и Американците не чувме ниту од Заев и Димитров. И тие мислат дека Македонија почнува од нив, иако се презафатени со нивните кариери и да не заврши.
Во ВМРО-ДПМНЕ секако не остана никој кој да мисли, а не пак да се сети да ја одбележи важноста на Буш за остварувањето на столетната вмровска кауза за добивање независна македонска држава… Тоа повеќе говори за квалитетот на таа кауза, одошто за заслугите на Буш.
Косоварите, пак, прогласија ден на своја национална жалост, иако ним Буш им е неспоредливо помалку заслужен од тоа колку ни е важен нам. Ама, шо, косоварите се познати американски подлизурковци, не се столетен горд и достоинствен народ како нас! Нас мува не нè лази, само чавки нè…
Но, иако сме, колективно, невидени провинцијални тиквари кои мислат дека светската политика зависи од тоа на која нога ние ќе станеме наутро, можеби не е доцна, макар со задоцнување, да крстиме една улица во престолнината по американскиот претседател Џорџ Х. Б. Буш? Можеби би можеле, по тој повод, да го поканиме и неговиот син, претседателот Џорџ Буш помладиот, на свеченоста на именувањето на таа улица со името на неговиот татко?
Ако ништо друго, за памет и поука на генерациите македонски граѓани кои доаѓаат по нас. За нас се работи, на Бушови им е секако сеедно.
Извор: Цивил медиа