Мртвост

И не знам што е тоа што би ја придвижило стручната, професионалната културна и творечка јавност во државава на акција, на реакција, на будење од мртвилото. Големи дела, значајни проекти?

599

или

КУЛТУРА НА МОЛКОТ (4)

Треба да се читаат умни, учени луѓе. Тие можат да ни помогнат полесно да ги разбереме состојбиве во кои што се наоѓаме, да ги додефинираме, ако можеме, па дури и поедноставно да најдеме излез. Ако сакаме, се разбира. Па оттука, треба да се чита, на пример, Кица Колбе, која дава најдобра (досега) дефиниција за „антиквизацијата“, за „Скопје 2014“ и неговата инсталација во централното градско подрачје. Вели: „сугерираат мртвост“! И тоа, таа мртвост, е толку болно точна за сѐ што е таму видливо, и невидливо. Невидливото можеби уште повеќе. Но најмногу боли што мртвоста нѐ дефинира и сите нас, денес, цела Македонија – мртвост вгнездена во срцето на Балканот, убава ама безживотна, вкочанета, неподвижна … нешто како Трнорушка во очекување на принцот на бел коњ. А тој не доаѓа, или доаѓа само во приказните. Па и да дојде, ние би го избркале, со стапови и клетви, со пцости и плуканици. И кому, впрочем, му треба принц на бел коњ кога ги има тврдокорнине?

Добро, но зошто мртвост? Та зарем не е очигледно? Или тоа подобро го гледаат умни луѓе кои, за жал, веќе не живеат овде, но и неколкумина овдешни фрикови – навистина не знам колкумина с(м)е – кои едноставно не можат да се помират со тоа што ни се случи/случува? Мртвоста некако ни стана заштитен знак, амблем/грб на државата, на нацијата, зашто повеќе се грижиме за култот кон мртвите отколку за сѐ друго. Животот заминува, велат се иселува од државава, остава празни цели градови. Па кој нормален и би останал овде, и зошто? Секојдневно да се разминува со оние гробишта во центарот на градот, да им отпоздравува, сакал-нејќел, на некои од најмрачните историски ликови кои ја запустувале земјава одново и одново со нивните малоумни националистички теории, да се движи покрај оние стиропорни филмски кулиси неприродно насадени долж брегот на Вардар, но и повнатре, обидувајќи се да сокријат нешто што всушност треба да го покажуваме? Глумат некоја (повторно) мртва Европа од пред три-четири века и ги поништуваат живите архитектонски ремек дела на кои светот им се поклонува! Или оние мртви „галии“ како среде Стикс, кои не можат да запловат никаде зашто се само за покажување? Кому, на странците, тие не виделе галии? А мртвине и веќе во распаѓање „епохални“ изданија по подрумите, тие не се за покажување на странците? И како да не гледаме дека таа мртвост полека го јаде не само градот туку и државата, им ја одзема силата, се шири на сѐ што до вчера барем малку заличуваше на цивилизирана средина со проевропски шмек?

Негувајќи ја културата на молкот можеби и несвесно ја прошируваме плодната почва и за културата на мртвоста. Зашто молкот и мртвоста се едно исто, молкот е само вовед во мртвоста, особено во културата, во уметноста. Затоа и кога говориме за отсуство на јавен критички збор во културата говориме всушност за – мртва култура. И за мртва уметност која никого не го интересира и за која никој нема што да каже. Убаво или лошо, сеедно. И тоа е поразително за една култура кон крајот на втората деценија на дваесетипрвиот век. Или не е, смета некој? Или тоа, можеби, е вистинското лице на македонската култура и уметност, она што треба да го негуваме? Мртво лице кое никого не интригира, не поттикнува на збор, на дијалог, на полемика, тотално безживотно тело кое не иницира никаква емоција? Ако грешам, ако не е така, белки некој нешто ќе кажеше за тековната македонска уметничка продукција. Или таа навистина се сведува на она што Синадинов го констатира како „филмови што бргу се забораваат“!? Ама да се само филмови. Кај нас сѐ бргу се заборава зашто нема зошто да се памети. Но, дури и тогаш, јавниот критички збор има должност да укаже на тоа, да предупреди, да алармира. Ако има кого, се разбира, и ако има зошто. Кај нас, изгледа, нема ни кого, ни зошто. Како никој повеќе да не е заинтересиран за културата и уметноста, како сите одвај да чекаат да ги покопаат под онаа мртвост на Плоштадот. Културата и уметноста се вистински живи само тогаш кога за нив се говори – во медиумите, во кафулињата, на вебот, кога предизвикуваат реакција, добра или лоша, сеедно.

И не знам што е тоа што би ја придвижило стручната, професионалната културна и творечка јавност во државава на акција, на реакција, на будење од мртвилото. Големи дела, значајни проекти? Се сомневам, бидејќи, покрај сите глупости, видовме и неколку навистина сериозни творечки потфати, проекти несекојдневни за нашава повеќегодишна мртвост кои што, повторно, останаа без вистински одгласи во јавноста. Оттука, има ли некаков одговор на прашањето: што е тоа што може да ја покрене оваа провинциска мртвост, овој апатичен и до зла бога депримирачки молк. Нема, или можеби, сепак – има!? Или, подобро речено, би можело да има? Па да, ама некои луѓе примаат редовна месечна плата за да изнајдат соодветни одговори на ваквите прашања. А не прават ништо. За жал.

(преземено од Теодосиевски уметност)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...