Краткиот предговор кон книгата „Вистината за егејска Македонија“ (1971.) авторот на таа книга, Христо Андоновски, го почнува со една споредба на судбината на модерните Македонци со онаа на Ирците и Курдите која била „слична ако не и идентична.“ Само неколку редови по таа блиц-споредба тој не пропушта да го уточни она свое „ако“, со следниве зборови: „Ирците и Курдите не го доживеаја незамисливото понижување на Македонците со употреба на груба сила да бидат лишени од својот мајчин јазик, да им се наметне туѓа националност“ (5). Може, значи, да се денационализира еден народ само ако се „лиши“ од неговиот јазик, вели Андоновски
Тоа „неподносливо понижување“ за кое зборува авторот на книгата „Вистината за егејска Македонија“ важи за сите Македонции кои се најдоа во три држави по Букрешкиот мир од 1913., а во четири според според Андоновски затоа што во Албанија имало околу 40 000 етнички Македонци. Со таа разлика што – оние од некогашната “јужна Србија“, а нешто потоа „Вардарска бановина“ дојдоа до право на употреба на својот „мајчин јазик“ во институционална форма (образование и политички институции) во склопот на ФНРЈ (потоа СФРЈ), сега Република Македонија како меѓународно признат политички субјек и членка на ООН под референцата Поранешна југословенска република Македонија.
Укажувам на тој детаљ од краткиот предговор на Христо Андоновски затоа што мислам дека има своевидно ехо во едно, по многу нешта, инспиративно мега-интервју на филозофот-писател (или писателот-филозоф) Кица Колбе кое го објави во неделникт „Фокус“ од 31 август 2018. Од тоа мега-интервју што го направи Јадранка Костова, Колбе објави краток извод на својот ФБ-профил, за кој напишав нешто подолг коментар. Тој коментар поттикна еден блиц-дијалог со Колбе која укажа дека има некои прашања од нашата колективна меморија кои бараат сериозна јавна расправа. Тоа се, како што може лесно да се претположи, такви прашања за кои помалку (или воопшто) не зборува нашата модерна, пишана историја. Не зборува, затоа што со нив не може да се гордее како што го прави тоа со славните страници од истата историја.
Пред да ги формулирам тие прашање и, евентуално, да кажам нешто за нив во форма што ја допуштаат медиумите за пошироката публика, сметам за потребно да го објавам својот коментар во „Плусинфо“ (и, евентуално, во „Слободен печат“) со следнава напомена: во мојата верзија на коментарот за „Плусинфо“ внесувам и некои појасненија кои ги давам во средна заграда. Тие не беа неопходни за еден филозоф и писател од форматот на Колбе. Без нив, меѓутоа, мојот коментар би бил наместа нејасен за пошироката публика. Еве го сега тој коментар кон мега-интервјуто на Колбе:
„Го прочитав внимателно вашето интервју во „Фокус“ затоа што, за тоа прашање, индиректно зборувате и во вашата книга “Егејци“ [Скопје, Култура 1999]. Впечатливо е објаснението дека идентитетот е, во прв ред, упатеност кон Другиот во широка смисла [под изразот Другиот подразбирам не само еден непосреден свет од луѓе, туку и свет од предмети – куќа со покуќнина, двор со сè што има во него или родно место; за тоа Колбе посебно зборува во „Егејци“; тој свет разнишува идентитет кога насилно му се одзема на човек, каков што е случајот со Егејците на Колбе; тие беа прогнати од своите огништа затоа што се најдоа на странита на поразените во грчката граѓанска војна, 1945-1949] на тој збор, сликовито изложена во делот [од интервјуто] за вашиот татко кој секој ден го чисти не само својот двор, но и дел од улицата пред дворот [наспрема] Другиот (сосед) кој вели дека улицата не била „негова“ [и, според тоа, не требало да ја чисти како што го чисти својот двор].
Тоа објаснение има своја симболика [разликувачка црта на јазикот на литературата кој го избегнува јазикот на филозофијата затоа што е – наука; јазикот на науката е дословен наспрема оној на литературата – фигуративен] со своја скриена порака која вели дека, чистејќи [сега како народ и држава] околу себеси (Договорот-копромис со Грција), ние на еден особен начин се очистуваме (catharsis) од тоа што н „притиска и пече“ (Шопов) или, со еден збор, од тоа што нè измачува: Der Angst на Хајдегер, Umheinlich на Фројд, étrangeté inqiuetente на Ј. Кристева. Наспрема некој сосед (Другиот) кој одбива да чисти за да се очисти од својата траума што го измачува – жртва на граѓанската војна во Грција.
Така вие кажувате дека има луѓе кои прават нешто за да се вратат кон себеси (идентитет), да се о-Слобода-т од тоа што ги покорило, но и луѓе кои уживаат во статусот жртва (victiumus), затоа што тоа ги издига некако над оние (Другиот) што им нанесле тешка неправда во животот. Поинаку речено, тоа се луѓе со разнишан идентитет, затоа што на свој начин станале смерни и покорни слуги на суровиот господар [деспот] Der Angst, работа за која во детали зборувате во „Фокус“.
Не можеме, тие луѓе со разнишан идентитет, да ги осудуваме само затоа што не сакале, не знаеле или, просто, не можеле (така јас ја разбирам вашата потреба да се оградите од поентата на Јадранка Костова) да излезат на крај со суровиот и безмилосен господар [деспот] Der Angst. Ете зошто јас би ставил поента: ДА ГО ИСЧИСТИМЕ СВОЈОТ ДВОР, НО И ДЕЛОТ ОД УЛИЦАТА ПРЕД НЕГО [A] зошто [уште и делот од улицата пред него]? Затоа што и оној (Другиот) што одбива да го чисти својот двор, попрво би прошетал по чиста улица отколку [што] би останал во својот неисчистен двор, иако не секогаш, иако не – сите. Потоа: одамна се знае дека примерот е многу посилен од кој било совет, наредба или закон. Освен тоа, јас немам право тоа што го правам да му го наложувам (имам право да предлагам, но не и да налагам) на Другиот (сосед кој одбива да го чисти својот двор). Многу убаво изложено и образложено, иако на сликовит начин, иако „во проза“. Доказ [повеќе] дека јазикот на прозата не стои подолу од оној на филозофијата, но и доказ [повеќе] дека има писатели-филозофи, како што има филозофи-писaтели. Или, добрите писатели се филозофи, како што добрите филозофи се писатели. Честитам.“
,