„Моја бесмртна љубов“ – нова концертна сезона на Филхармонија во чест на Бетовен

524

Новата концертна сезона (2019-2020) на Филхармонија е насловена „Моја бесмртна љубов“. И оваа концертна сезона на публиката ќе ѝ понуди фантастичен избор на солисти и диригенти, како и софистицирана и деликатно избрана програма која ќе го презентира диверизитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови.

– Насловот алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената. Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната, туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година – истакна Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

И Филхармонија прославува значаен јубилеј – 75 години од формирањето.

– По повод овој значаен јубилеј нашата институција подготви роденденски концерт кој ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе  присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“ кој тогаш ќе се одржува во Скопје. Тоа е голема чест и привилегија за нас како институција бидејќи овој концерт ќе претставува и презентација и промоција на нашата музичка традиција во пошироки рамки – истакна Илиески.

Сезоната на Филхармонија се отвора на 26 септември со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба како што оценуваат критичарите речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор.

Продуцентката Роза Нолчева истакна дека и во новата сезона публиката ќе има можност да слуша солисти кои настапуваат со водечките оркестари во Европа и Америка.

Ана Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот на Филхармонија ја истакна програмата која паралаелно ќе се реализира на Камерната сцена.

– Во Камерната сала ќе продолжат да се одржуваат рецитали на странски, но и на нашите солисти, главно од оркестарот на Филхармонија на кои оваа сцена им е матичен подиум на кој можат активно да концертираат во најразлични формации и состави – истакна Кондратенко.

Составен дел и од оваа сезона се традиционалните концерти – „Новогодишниот гала концерт“ и „Љубовниот концерт“ на 14 февруари, “, како и  „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ на кои настапуваат учениците и студентите од државните училишта. Тука се и двата настапи во Градскиот парк со кој Филхармонија секоја година ја заокружува концертната агенда. Продолжуваме со реализација и на концертите за деца кои претставуваат важен сегмент од програмската политика на нашата институција. .

Онлајн продажба на билети на веб страната

Од оваа сезона, публиката за првпат ќе може да купи билет за концертите на Филхармонија, директно на веб страницата на институцијата.

Со оваа можност на публиката ќе ѝ биде олесното купувањето на картите, а со тоа и подостапна ќе ѝ стане концертната понуда на нашата институција.

Доколку се купуваат индивидуално билетите ќе чинат 13.000, во редовна продажба се 10.000 денари,  а до 15 септември публиката ќе може да ги купи промотивно по цена од 9.000 денари.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...