Иако, според многумина, веќе е крај на сезоната за мотоциклисти, сепак РСБСП во рамките на кампањата „Без изговори“ посебно внимание посветува на мотоциклистите како ризична и ранлива група учесници во сообраќајот. Како посебно ранлива категорија учесници во сообраќајот, мотоциклистите треба да бидат двојно повнимателни и двојно поодговорни учесници во сообраќајот. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи и почитувањето на поставената сообраќајна сигнализација, од страна на мотоциклистите, е повеќе од неопходно, ако се има предвид фактот дека при секој судир на моторно возило и мотоцикл, ризикот и веројатноста од сериозна повреда на мотоциклистот е навистина голема.
Статистичките податоци покажуваат дека во Република Македонија мотоциклистите претставуваат само 0,5% од вкупниот број учесници во патниот сообраќај, а приближно 10% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди. Најголем број од загинатите мотоциклисти припаѓаат на возрасната група од 25 до 34 години. Несоодветната брзина на возење и неупотребата на заштитна опрема и заштитен шлем се издвојуваат како главни причини за трагичните последици од сообраќајните незгоди.
Од наведените податоци, можеме да заклучиме дека мотоциклистите спаѓаат во групата учесници во сообраќајот кои најмногу се изложени на опасности и кај кои ризикот за здобивање смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок.
И покрај тоа, не е мал бројот на мотоциклисти кои сакаат да доминираат во сообраќајот, кои сакаат да се истакнат со брзо возење, со слалом возење, со непочитување на сообраќајните знаци, непочитување на правилата на првенство на минување, поминување на црвено светло на семафор и тн.
Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување до мотоциклистите дека не постојат никакви изговори и никакви оправдувања, сообраќајните правила и прописи важат и за нив исто како и за сите останати учесници во сообраќајот. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи од сите учесници во сообраќајот е основен предуслов за негово безбедно одвивање.
Согласно ЗБСП, користењето заштитна кацига е задолжителна, како за возачот, така и за сопатникот и непочитувањето на оваа одредба предвидува санкција од 50 евра во денарска противвредност. Секој кој се превезува на мотор, треба да знае дека, користењето заштитна кацига го намалува ризикот од здобивање со смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветар, дожд или снег, односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото.
Според ЗБСП, полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот на мотоцикл кој управува со мотоцикл без заштитен шлем и кога лицата кои се превезуваат не носат или одбиваат да носат заштитен шлем за време на возењето на патот.
Користењето на останатата, дополнителна заштитна опрема, како што се заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, наочари, кожни панталони, ракавици итн.), иако се исклучително важни за безбедноста на мотоциклистите и лицата кои се превезуваат на мотоцикл, сепак нивното користење не е задолжително со ЗБСП, но е препорачливо пред сѐ, заради безбедноста на мотоциклистите и на лицата кои се превезуваат на мотор.
РСБСП потсетува дека секој мотоциклист покрај останатите правила и прописи во сообраќајот, особено мора да знае дека:
- движењето во група треба да биде еден зад друг,
- возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, на начин на кој ја загрозува безбедноста на пешаците во сообраќајот,
- не смее да управува со мотоциклот под дејство на алкохол и не смее да превезува лице кое е под дејство на алкохол,
- не смее да превезува дете помало од 12 години,
- не смее да пренесува предмети пошироки од еден метар итн.
Возачот на мотоцикл е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или да турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.
РСБСП препорачува, во овој период од годината, да се направи техничка проверка на мотоциклот, да се заменат маслото и филтерот, да се провери и наполни акумулаторот, да се провери течноста за ладење на моторот, да се исчисти или замени филтерот за воздух, да се проверат сопирачките и течноста во сопирачките (глицеринот), да се провери притисокот на воздух во гумите и особено да се провери дебелината на шарата на гумите.
Мотоциклисти, без изговори, почитувајте ги правилата во сообраќајот, пред сѐ, заради вашата безбедност.