МОСТ: Граѓаните јасно ја искажаа својата волја

МОСТ оценува дека изборната администрација одговори на задачата, избирачките одбори беа добро подготвени.

107

На денот на референдумското изјаснување граѓаните јасно ја изразија својата волја, а гласањето помина во мирна атмосфера со понизок одѕив од вообичаено и со помали технички проблеми и нерегуларности на кои институциите соодветно реагираа, оцени Граѓанската асоцијација МОСТ.

Според МОСТ, кон крајот на денот на мал број гласачки места биле забележани тензии и одредени дејствија кои не може да се окарактеризираат како системски, туку како изолирани и поради тоа немаат влијание врз резултатот од гласањето.

МОСТ оценува дека изборната администрација одговори на задачата, избирачките одбори беа добро подготвени.

„Во текот на денот набљудувачите во неколку наврати јавија за случаи на пропаганден материјал пред гласачките места кои во најголем дел по интервенција на полицијата беа отстранети“ стои во оценката.

Забележани биле и поединечни случаи на непроверување на палецот со УВ-лампа, непроверување на документите за идентификација, како и необележување со мастило.

Набљудувачите на МОСТ исто така забележале и случаи на групно, односно семејно гласање, но оценката е дека  станува збор за мали и изолирани случаи.

„На мал број гласачки места пред крајот на гласањето беа забележани обиди за нарушување на правилото еден човек еден глас кои не може да се окарактеризираат како системски, туку како изолирани и поради тоа немаа влијание врз резултатот од гласањето“, стои во оценката.

Биле забележани и други пропусти, но како што се наведува, тие не влијаеле на конечниот изход.

Од МОСТ додаваат дека одреден број гласачи не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список и апелира кај институциите во најскоро време да ги отстранат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...