Британскиот парламент бара од Владата поостри санкции против „лицата поврзани со Кремљ“.
Велика Британија е обвинета дека се „прави на удрена и не ги гледа валканите руски пари“ и на тој начин се заканува на националната безбедност, пренесува Би-Би-Си.
Комитетот за надворешни работи на британскиот Парламент тврди дека Лондон стана база за криење на „незаконски стекнатите пари“ на претседателот Владимир Путин и неговите сојузници.
Членовите на комисијата во извештај порачаа дека ништо не се променило дури и по труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка.
Со тоа се поткопуваат британските напори за успешно спротивставување на агресивните методи на Путин, се вели во извештајот.
– Кремљ го доживува летаргичниот одговор на лондонскиот пазар како доказ дека ние не се осмелуваме да му се спротивставиме – напиша претседателот на комисијата и конзервативен пратеник Том Тагендат во статија за The Sunday Times во пресрет на објавувањето на извештајот.
Министерот за безбедност и финансиски криминал Бен Валас изјави дека не бил повикан да сведочи пред комисијата, што според него „ја ослабнува основата на извештајот“.
Лондонскиот Сити стана „главна пералница“ за парите на Путин, се вели во извештајот, а Велика Британија е „решена да ги исфрли валканите пари и тие кои ги перат“.
Во извештајот се вели дека министрите треба да ги пронајдат „дупките“ во системот кои им овозможуваат на руските власти и поединци поврзани со Путин да продолжат да работат во лондонскиот Сити.
Во извештајот насловен како „Московскоа злато: Руска корупција во Велика Британија“, се укажува дека рускиот енергетски гигант Гаспром, без тешкотии тргувал на Лондонската берза само „еден ден по обидот за убиство на Скрипаљ и неговата ќерка“.
Трговските односи меѓу Велика Британија и Русија продолжија толку брзо што руската амбасада во Лондон испрати твит „Работата продолжува вообичаено?“.
„Штетата што руските валкани пари ги нанесуват врз британските надворешнополитички интереси е поголема од профитот остварен од руските трансакции во Сити“.
„Велика Британија треба да испрати јасна порака дека коруптивното влијание на Кремљ повеќе не е добредојдено на нашиот пазар и дека ќе преземеме мерки“, се вели во текстот на Тагендат.
Комитетот ја повикува владата да покаже „политичка одлучност“ и да преземе соодветни мерки што би вклучувало:
– Нови санкции против „поединци врзани со Кремљ“.
– Затворање на дупките во системот на санкциите.
– Воведување на транспарентност во сопственоста на корпорациите.
Подготви: А.Ј.