Пожарното скалило во еден од најпосетуваните трговски центри во Австралија се претворило во бетонска гробница за седумдесетгодишен маж, кој тука случајно се заскитал и повеќе не можел да излезе.
Очајното семејство го видело видеото на кое се гледа како Бернард Гор, со прекар Буч, излегол на пожарникарните скали на 6 јануари 2017 година, во трговскиот центар во Сиднеј, „Вестфилд Бондај џанкшн“, каде што бил пронајден мртов три недели подоцна.
Неговата ќерка, Мелинда заплакала кога ги видела последните мигови од животот на нејзиниот татко на снимката, во рамките на истрагата за смртта, а асистентот на истражниот судија во Нов Јужен Велс, Ана Мичелмор изјавила дека нема други снимки кои би откриле што се случило потоа.
Стотици луѓе поминале низ трговскиот центар додека Гор бил заробен во него и ги слушал гласовите што одекнувале.
Форензичната анализа покажала дека умрел најмалку една до две недели пред да биде пронајдено неговото тело, што значи дека повеќе од една недела умирал.
Гор живеел во Тасманија, а пред исчезнувањето заедно со ќерката поминал неколку недели во Сиднеј.
На снимката што ја забележала надзорната камера се гледа дека околу 12:50 влегол низ вратата што води кон пожарникарските скали. Вратата не може да се отвори однатре и иако во приземјето постои излез низ ходникот, Гор не го нашол, што не е необично, со оглед на тоа дека во трговскиот центар постои лавиринт на пожарникарски скали долг околу 14 км.
Кога конечно го нашле, Бернард Гор лежел во „полуклечечка состојба“.
– Веројатно седел на столот што беше покрај неговото тело, а во одреден момент сигурно се превртел напред – изјавила судијката.
Семејството со недели го барало Гор, а официјалните лица од трговскиот центар се соочиле со прашањата како е можно толку долго да не го нашле и тоа во моментот кога температурите биле над 40 степени Целзиусови.