Албанската економија минатата година инкасирала над една милијарда и 850 милиони евра бруто приход од туризмот, што е највисоко, историско ниво забележано до сега.
Официјалните податоци од Централна Банка на Албанија покажуваат дека во изминатата година, туризмот е еден од најдинамичните сектори на албанската економија.
Споредено со 2017 година, приходот што го добива економијата од туризмот се зголемил за речиси девет отсто, од 1,7 милијарди евра на 1,85 милијарди евра во 2018 година.
Според Централна банката, само во третиот квартал, кога е шпицот на туристичката сезона, странците потрошиле над 683 милиони евра во Албанија за туризам или за различни патувања или 16 отсто повеќе од претходната година.
И лани повеќе од една третина од туристите се Косовци или 35 отсто од вкупниот број, следат Македонците 11,4 отсто, Грците 9,3 отсто, Италијанците 7,3 и Црногорците шест отсто.
Но, не само што странците трошат во оваа земја и албанските граѓани лани не штеделе за патувања во други земји. Податоците потврдуваат дека минатата година Албанците потрошиле 1,4 милијарди евра за патувања во странство или 13 отсто повеќе од претходната година.
Ова значи дека нето придонесот во туристичкиот сектор во текот на изминатата година односно разликата помеѓу приходот во економијата од туристите и расходите што ги направиле Албанците во други земји, резултира со околу 430 милиони евра, што повторно останува еден од најзначајните извори на валута за економијата