Епидемијата на морбили е во полн ек – за само една недела има нови 126 заразени кои се пријавени во Институтот за јавно здравје на РМ, со што вкупната бројка на заболени достигна 960. Вирусот се прошири и меѓу здравствените работници меѓу кои има повеќе од 100 заболени, а освен медицински сестри, се инфицираа и матични лекари, специјализанти и друг кадар. Од морбили заболе и економскиот директор на Детска клиника.
– Ова е најголем број заболени во една недела на државно ниво. Од нив 57 лица се од Скопје, а 69 од другите градови. Повеќе од половина од новозаболените се деца до 4 години, а има и многу возрасни кои се постари од 30 години. Епидемија имаме во 6 градови, со Скопје, а таа е проширена и на медицинскиот персонал, а повеќе од половина од нив не биле вакцинирани против мали сипаници – изјави денеска д-р Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот.
Скопјани најдисциплинирани за вакцинација
А скопјани се меѓу најдисциплинираните за одзивот за вонредната вакцинација – од 20.000 невакцинирани лица лани во декември, досега само 4.000 останаа без МРП вакцина. Вкупниот број на вакцинирани до 14- годишна возраст во Скопје, кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.919 деца.
Од 69-те заболени кои се од 10 други градови во Македонија, од Куманово се пријавени 22 случаи, од нив дури 90 отсто се невакцинирани или непотполно вакцинирани. Од Кичево се 15 случаи, од кои 66,7 отсто се невакцинирани. Другите се од Струга, Тетово, Велес, Прилеп, Гостивар, Крива Паланка.
– Активни епидемии на мали сипаници сега имаме во Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга. Од вкупно 961 случаи на морбили досега, најголем број – 398 се лабораториски потврдени, 257 се епидемиолошки поврзани, а 306 случаи се со клиничка слика на мали сипаници. Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години, 412 од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај децата до 4 години со 331 заболен – вели д-р Микиќ.
Досега бројот на вакцинирани лица до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 19.461.
Епидемијата може да трае и до лето
Во врска со тоа кога може да очекуваме дека епидемијата полека ќе стивне, со оглед дека се уште зголемува бројот на заболени, тој одговара:
– Далеку сме од крајот на епидемијата на морбили, која може да трае и до лето! Кога и по последниот случај на заболен од морбили ќе поминат два инкубациони периода, односно, најмалку 28 дена, а во меѓувреме да не се појави нов случај, тогаш се смета крај на епидемијата – објаснува д-р Микиќ, кој и денеска со апел до родителите.
– Бидејќи на Клиниката за детски болести се хоспитализираат деца со морбили, родителите да одбегнуваат да ги носат децата во оваа установа и за зголемена телесна температура, на пример, поради големата опасност од инфицирање со мали сипаници. Вирусот може да се добие и по 2 часа престој во иста соба во која престојувало лице кое има морбили – нагласува д-р Микиќ.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 20 градови од Македонија, од нив 613 случаи од Скопје, 93 од Куманово, 79 од Тетово, 50 од Струга, 31 од Кичево, 18 од Гевгелија, 17 од Дебар, по 16 од Гостивар и Велес, 6 се во Прилеп, по 4 случаи има во Кочани и во Штип. Во останатите 8 градови се регистрира по некој случај.