Мораториум за градби на охридскиот брег, Охрид и Струга да ги спроведат препораките на УНЕСКО

756

Владата денеска донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорача на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

Владата ја усвои информацијата за учество на делегацијата на Македонија на 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан и уште еднаш ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО.

Владата им препорача на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Овие министерства со одлука на денешната седница добија задолжение да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...