Кога власта е единствената цел, послушноста е основна доблест, вештините не се вреднуваат, туку напротив, тие се опасни, а зависностите се добредојдени.
Резултатот на сите тие вредности во наводници, на сегашната, а и на претходните владејачки гарнитури, е тоа што на многу одговорни позиции, има огромен број неспособни луѓе.Тие неспособни луѓе многу лесно се претвораат во неранимајковци.
Кога веќе зборуваме за неранимајковците, треба да ви биде јасно, дека истите ќе ги видите блиску до вас само за време на избори. Тогаш ќе ги знаете нивните телефонски броеви, тие ќе ви бидат достапни, не заради тоа што ве вреднуваат вистински, туку само заради фактот што им е потребен вашиот глас. Неранимајковците одамна имаат заборавено што е тоа морал, заради нивниот сопствен комодитет.
Моралот е нешто природно и воспитано, нема потреба да дебатираме за него, но кога некој е неспособен, тој е многу посклон да стане неморален, како што се вели, да се прејаде со власт.
Правото треба да е конкретност на моралот во одредена ситуација. Кога ние немаме јасни морални патокази или примери, правото не може да ни помогне со ништо, ве уверувам.
Правото е инструмент, а како ќе биде користен еден инструмент, е сосема друго прашање и истото не зависи од правото. Ако се повредите со нож, не го обвинувајте ножот, туку вашата неспособност да ракувате со него.
Единствената варијанта да победи злото е добрите луѓе да не прават ништо! Отпорот е нормална агрегатна состојба на човековиот дух во услови на ваква неправда, манипулација и злоупотреби.
Секој избира на чија страна ќе застане, јас својот избор го направив.