Сите ние сме иновативци. Еквилибристи. Цел живот одиме по јаже и секој ден правиме волшебства. Алхемичари, на кои со судни маки, но им поаѓа од рака од цркавицата денар да направат долар, евро, та дури и фунта. И да останат 365 дена во годината – живи.
Сите сме хемичари од калибарот на нобеловката Марија Кири, зашто со стегнат каиш, правиме живот.
Тогаш, која е логиката со бесповратен кредит да им се стимулира ретардираноста на на некои функционерски трупци, на кои со големо задоцнување им се разбудува етичноста. Поточно, откако разгневениот народ со остенот на критиката, острецот ќе им го забоде во дебелиот задник.
Ќе простите, иновација, не е исто со манипулација, со криминализација, со шпекулација.
Нека извини и господинот премиер, ама јас му советувам да се збогува со сите оние делови од неговата владина машинерија кои имаат „задоцнето палење“ на етичноста. На совеста.
Со таков морален крш, не се стигнува од балканското сокаче до бриселските авении. Сите, попатно ќе се изгубиме. Колективно ќе трокираме.
Вака, само ги уриваме, ги еродираме претставите за тоа каква вообличеност треба да има квалитетниот функционер. Ние сме, сепак, реалисти. Имаме изградено лични и колективни критериуми за тоа што е човечка, морална, етичка вредност, а што е шарлатанија. Блеф. Животот нѐ научи да го препознаваме куколот во житото и да го селектираме – доброто од злото. Од далеку да го насетуваме одвратниот мирис на криминогеното.
Се договоривме – ниту едно зло, нема да се амнестира. И не правиме сепарирање на злото од опозицијата од она на позицијата. Сите зла имаат безмалку иста специфична тежина. Нѐ осиромашуваат, нѐ разгромуваат, нѐ дестабилизираат. И, што е посебно трагично, та дури катаклизмично, го убиваат во нас чувството за еднаквост и правда. И пред светот се легитимираме како безбојна и безволумемнска човечка и општествена градба.
Јас така мислам.