Секој кој ги исполнува условите има право на стипендија за студирање на најдобрите 100 светски универзитети согласно Шангајската ранг листа, а никогаш не било критериум дали апликантот има родители или старатели кои извршуваат јавна функција или, пак, нивниот материјален статус, одговори Министерството за образование на барање на Плусинфо да ги коментира пишувањата дека ќерката на министерот за надворешни работи Никола Димитров, летоска добила 40.000 долари државна стипендија за студирање во Холандија.
Плусинфо побара коментар и од министерот Димитров, но засега нема одговор на нашето прашање.
Порталот Магазин пишува дека на 4-ти август 2017-та година тогашната министерка за образование Рената Дескоска, со решение број 14-9573/1 формирала комисија за доделување на стипендии додипломски студии во странство и веднаш, истиот ден (петок) комисијата се состанала и итно одлучила по барањето на Јана Димитрова, ќерка министерот за надворешни работи Никола Димитров, да ѝ додели стипендија.
Министерството за образование во писмениот одговор до Плусинфо, кој го пренесуваме интегрално, детално ја објаснува постапката за доделувањето на студентските стипендии:
„Министерството за образование и наука неколку години наназад доделува стипендии за македонски граѓани кои аплицираат и ќе успеат да се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од најдобрите 100 светски универзитети согласно Шангајската ранг листа.
Одлука за доделувањето на стипендиите носи соодветна комисија составена од претставници на МОН и на академската заедница во Република Македонија, која може и се состанува по потреба, односно по пристигнување и на само една апликација за овој тип на стипендии.
Комисијата ги разгледува документите кои се бараат согласно објавениот конкурс и доколку апликантот ги исполни сите услови и критериуми, се носи позитивна одлука и решение. Дали апликантот има родители/старатели и дали извршуваат јавна функција, работат во државната администрација или во приватниот сектор, како и нивниот материјален статус, никогаш не било критериум. Секој кој ги исполнува условите има право на овој тип на стипендија и досега правото го искористиле повеќе од 200 апликанти.
Согласно конкурсот, Министерството доделува стипендија најмногу во висина до 40.000 американски долари на годишно ниво за покривање на трошоците за уписнина на апликантот. Доколку износот на уписнината е поголем, разликата ја надоместува апликантот. Доколку пак, износот на уписнината е помал од 40.000 американски долари, Министерството го надоместува тој износ, додека разликата до 40.000 американски долари НЕ му се префрла на сметка на апликантот.
Овие средства (до 40.000 американски долари на годишно ниво) всушност, се префрлаат директно на високо образовната установа каде студентот е запишан, односно тој воопшто не ги добива на неговата сметка. Напоменуваме и дека тие не се исплатуваат во истиот ден кога комисијата носи одлука за одреден апликант кој ги исполнува условите, да му биде доделена стипендија. По одлуката на комисијата, се носи решение, потоа следи потпишување на договор со Министерството за образование и наука, чии стручни служби стапуваат во контакт со службите на странската високо образовна установа и се утврдува периодот на уплата на средствата, по претходно добиена фактура.
Дополнително, како што е секогаш наведено во конкурсите, на студентите им се исплатува и месечен паричен надоместок во зависност од земјата во која се наоѓа високо образовната установа (сместување и храна) и за еден повратен авионски билет. Овие средства се префрлаат на сметка на апликантот.
Комисијата води записник за секој организиран состанок“.