Министерството за образование и наука соопшти дека е должно да преземе законски мерки за привремено одземање на надлежностите на Општина Гостивар за именување и разрешување директори на општински средни и основни училишта затоа што Државниот просветен инспекторат (ДПИ) при инспекциски надзор утврдил идентични неправилности за кои на Општина Гостивар еднаш веќе ѝ беа одземени ингеренции во образованието.
По вчерашната реакција на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, МОН денеска во соопштение наведува дека тој не ги почитувал законските одредби во постапките за назначување и разрешување на директорите на основните и средните училишта.
МОН појаснува дека разрешувањата на директорите, според она што го утврдил Инспекторатот, биле извршени без процедури предвидени со закон, а новите директори не ги исполниле условите и критериумите за позициите и биле назначени со непочитување на законот.
-Исто така, констатирани се состојби кога одредени директори беа разрешени дури во два наврата од страна на градоначалникот – првиот пат без да се почитуваат постапките и, по забелешките на Инспекторатот, Таравари ги врати на должност за да ги разреши по шест дена, без почитување на постапката. По првото разрешување на директорите, Инспекторатот утврди дека се именувани директори кои не ги исполнуваат условите согласно законот и тие лица, кои не ги исполнувале условите, биле повторно именувани како директори дури и по второто разрешување на законски избраните директори, наведува МОН констатирајќи, како што вели „со жалење“, дека во Гостивар се повторува истата состојба од претходната година, иако МОН ѝ ги врати на општината надлежностите откако првиот пат беа отстранетите неправилностите.
МОН нагласува дека преземените мерки имаат дефинирани рокови и важат до отстранување на неправилностите и го повика градоначалникот на Гостивар да не обвинува заради политички цели и да не ја вклучува политиката бидејќи, како што додава во соопштението, во оваа ситуација штета им се нанесува единствено на учениците и на воспитно-образовниот процес.
Таравари, пак, вчера реагираше и одлуката за одземање на ингеренциите ја нарече аматерска, смешна, неморална, непријателска и дискриминаторска.
„Морам да истакнам дека од страна на нашата општина, и покрај лошите услови нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука! По погребните обреди, едвај неколку дена по смртта на 15 лица како последица на сообраќајна несреќа, владата не се занимава со итна истрага на случајот, туку му задава уште еден удар на Гостивар! Ако целта на оваа влада е да го уништи Гостивар од листата, со разотидување на нејзини луѓе низ светот или толку близу за да им се случуваат несреќи по патот и да не се вратат дома живи, тогаш оваа одлука без преседан, ја има својата смисла! Но, ако оваа влада го сака Гостивар на ист начин како Скопје или Штип, таа веднаш треба да го запре тоталитарното однесување во Гостивар! Се срамам што сите амбасадори кои постојано комуницираат со мене за трагедијата што не снајде, ќе мора да ги информирам за оваа аматерска, смешна, неморална, непријателска и дискриминаторска одлука!“, напиша градоначалникот на Гостивар.