Управниот суд ја донесе пресудата во корист на Општина Гостивар за одземените ингеренции во образованието поради тоа што од страна на Министерството за образование и наука (МОН) не е доставена целокупната документација во врска со овој случај, како и поради нечитливост на дел од доставените списи, велат од МОН.
– Но, донесената пресуда не значи дека судот потврдува дека општината постапувала законски кога разрешувала и именувала директори на училишта, ниту пак значи дека МОН не постапило правилно со носењето на одлука за одземање на ингеренциите во тој дел. Врз основа на донесената пресуда на Управниот суд, МОН има две опции, едната е да донесе повторно решение за одземање на ингеренциите на општината и втората, да ја обжали пресудата до Виш управен суд – велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека се одлучиле да ја искористат втората опција и да се жалат пред Вишиот управен суд и сега ќе ја достават целокупната документација.
– Се надеваме дека како и пред 1 година, надлежниот орган повторно ќе го потврди незаконското именување и разрешување директори на училишта од страна на општина Гостивар преку носење на одлуки врз база на политика и политичка припадност на кадровските решенија – велат од МОН.