Француската министерка за Европа, Амели де Моншален, пред почетокот на денешниот Совет за општи работи на ЕУ го бранеше ставот на Париз за реформа на преговарачкиот процес и посочи дека тој не функционира каков што е сега.
– Ние не ги менуваме правилата сред игра што започнала, гледаме дека процесот не функционира затоа што е екстремно бавен за тие кои учествуваат во него. Процесот не е политички раководен, има автоматизам и народите пред се не се пронаоѓаат во него. Гледате колкава емиграција има, колкав одлив на мозоци од Србија, Црна Гора, и пред нив Бугарија, Романија и Хрватска кога преговараа – изјави Моншален утрово во Брисел.
Франција пред неколку недели поднесе предлози за реформа на преговарачката методологија до другите земји членки за да се отвори дебата во рамките на Унијата и смета дека овој предлог ќе ги направи поефикасни преговорите за членство во ЕУ.
– Сакаме да видиме приближување на економско, социјално, културно поле, а не само на правно поле – рече Моншален.
Таа додаде дека сегашниот процес не гарантира спречување на мешање на странски сили.
– Тие што велат дека е одговор на мешањето на странските сили, ние велиме дека одговорот на тоа мешање не е во воведувањето правила за тоа како да се вработуваат функционери и како да се организираат јавните набавки, затоа што во меѓувреме странските сили инвестираат, треба зближување и развој во земјоделството, индустријата, универзитетите, можеме да се занимаваме со администрација, но тоа не ги задоволува локалните населенија. Се сложуваме дека тоа што е започнато во Србија и Црна Гора е легитимно, но содржи слабости – додаде француската министерка.
Таа тврди дека Франција неколку месеци работи на новата методологија и се надева дека денешната дискусија во Брисел ќе биде „спокојна“, за разлика од онаа во октомври.
Според Моншален, Данска и Холандија се на линија на Франција во оваа дебата.