Tри земји стојат зад блокадата за почеток на преговори со Македонија и Албанија – Франција, Германија и Холандија, пишува париски „Монд“, за министерскиот состанок на ЕУ во Луксембург.
– Северна Македонија и Албанија, признати кандидати за влез во Европската унија, уште ќе чекаат. Франција, Германија и Холандија, во вторникот, 18 јуни, во Луксембург не ја одобрија одлуката која би била премногу симболична за нив: пристапни преговори. Ова бара едногласност на дваесет и осумте членки.
Прашањето за проширувањето на ЕУ кон шесте земји од Западен Балкан останува прашање на поделба меѓу земјите-членки и тие повторно ќе расправаат за (можна) одлука до октомври. Но усвоија… дваесет и две страници заклучоци за проширувањето и предуслови за сите кандидати, пишува „Монд“.
Според францускиот весник фактот што германскиот Бундестаг уште не одлучувал за препораката неа Европската комисија за преговори со Скопје и Тирана, било добар изговор за колебливите членки да најдат засолниште и да не донесат одлука.
– Холандскиот парламент ја отфрли идејата за каква било одлука за Албанија во 2019 година. Што се однесува до Франција, нејзината линија е: Нема проширување без претходно зголемување на интеграцијата на Унијата. Без сомневање тука исто така е и нејзиниот „апсорпциски капацитет“ и стратегијата во врска со балканските земји: како да ги „врзете“ со Европа, без да мора да ги интегрирате. Црна Гора преговара за членство од 2012 година, Србија од 2014 година. Босна и Косово (кое не е признаено од пет земји-членки) се „потенцијални кандидати“, пишува „Монд“.