Момче без возачка дозвола удри во сопружници, мажот почина

1784
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, заедно со екипа од Министерството за внатрешни работи, вчера вечерта изврши увид на лице место каде што се случи сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице.

Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против еден осомничен за сторено кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 од Кривичниот законик.

Несреќата се случила околу 21.30 часот на локалниот пат кој води кон селото Слупчане. Осомничениот, 21-годишен жител од Липково, се движел со возило марка БМВ со кумановски регистарски таблички, кое го управувал без да поседува возачка дозвола. Возејќи со брзина поголема од дозволената, осомничениот удрил директно во двајца пешаци – сопружници кои се движеле по патот во иста насока како возилото. Од силината на ударот на лице место починал мажот, 39-годишен жител на Слупчане, додека неговата сопруга се здобила со повреди.

Јавниот обвинител нареди сообраќајно техничко вештачење на возилото, како и прибирање траги од самото место. Дадена е и Наредба за обдукција на телото на починатиот.

Обвинителството ги презема потребните дејствија за утврдување на фактите во предметот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...