Молкот како согласност?

624

Кому му одговара дисфункционална култура, а следствено и дисфункционална држава, односно обратно? Тенденциозно прашање? Се разбира, ама поинакво и не може да биде, не барем во наши услови. Но, прашањето, прикриено, сугерира и одговор: дека некој наметнува дисфункционална култура односно некому му одговара дисфункционална држава. Да, и јас токму тоа го сугерирам, го мислам и го кажувам овде! Ако некој го разбира поинаку – се извинувам. Ама би сакал да чујам аргументи за спротивното. Зашто, не постои дисфункционална култура, уште помалку дисфункционална држава сама по себе, таа/тие не паѓа(ат) од небо, уште помалку доаѓа(ат) од некоја „странска сила“ со жолти комбиња. Барем за тоа не можеме да ги обвиниме – другите. Таа/тие мора да бидат наметнати, октроирани од некого од внатре. Можеби со амин од надвор, ама тоа не во случајов важно. Како што, впрочем, сакаме да сугерираме дека дисфункционалното – ајде да не речам криминалното – судство е резултат на украдената држава односно на злосторничкото здружение и побегуљата во Будимпешта! Што ќе рече: некој/некои мора да се одговорни и за погоре посоченото. Ако некој мисли поинаку, молам – нека се изјасни! Со аргументи.

Е сега, иако оној „некој“, оној кој ни наметнал такви нешта и денес, во „животот“, особено во културата и во државата, е горе-долу, по дефиниција познат, сепак морам да одговорам на прашањето поставено на почетокот. Значи: кому, во еден поширок контекст, му одговара дисфункционална култура, или, малку поинаку формулирано, дали таквата култура навистина ни одговара на сите? Јас би рекол – не баш, тоест воопшто не, иако според нашата „сталоженост“, нашиот „мир“ и не-реакциите на сите инволвирани/засегнати тоа би бил впечатокот што се добива во јавноста.

Иако, моето прашање за дисфункционалната култура може да се нарече и депласирано зашто, во крајна линија, кого воопшто (кај нас) го интересира културата? Ама, ако поставиме слично прашање и за загадувањето, и ги „мериме“, повторно, нашата „сталоженост“, нашиот „мир“ и не-реакциите на луѓето, пак ќе добиеме горе-долу слични резултати коишто ќе ни кажуваат дека ни тоа не го интересира мнозинството на народот. Што пак следствено нѐ води до констатацијата дека народот сака да го трујат? Е па – не баш.

Затоа, мора да се приклониме кон досега многупати потенцираниот факт дека мнозинството кај нас е научено да молчи. За сѐ, дури и кога отворено го трујат, па и кога го лажат. Дали е тоа некаква семејна навика/наука од детството, или е од времето на злосторничкото здружение, или е, како што некои тврдат, историска „навика“ односно „особина“ на Македоноцот, не знам. Ние ни за тоа немаме сериозен научен придонес. Но, ако молчењето само по себе односно нереагирањето на/за сите идиотизми што ни ги сервираат во културата и во државата секакви партиски односно политикантски суштества е некаков репер, тогаш барем на 99% проценти од културната популација и на околу 80% од вкупната популација (за државната дисфункционалност) ништо од сето ова не им пречи.

Се разбира, за второто, процентот го тресам од ракав (зашто ни со тоа кај нас никој не се бави за човек да има релевантен показател!), ама за т.н. културна популација – иако во Европа нема таква категорија, целата држава е култура! – безмалу ставам рака во оган! Оттука, дали, ако моите предвидувања се точни, важи онаа: каков народ – таква култура, односно каков народ – таква држава? И тоа е вообичаена колоквијална флоскула, иако во случајов сум склон да поверувам дека тоа е баш така, наспроти фактот дека младиве, едно време, праќаа поинакви сигнали. Или, или, мораме да признаеме дека ние сѐ уште не сме доволно – а тука мислам европски тоест демократски – еманципирани, дека кај нас луѓето сѐ уште се плашат да го искажат сопственото мислење дури и за времето, а камоли за политиката или за политиките во културата. И тоа важи не само за оние на кои културата им е последната важна точка во животот туку особено за оние на кои културата им е живот односно живеат од културата, и уметноста.

Оттука, имајќи ги предвид ваквите мои (се разбира произволни, па и тенденциозни но тешко соборливи) констатации, на најголемиот дел од популацијата во Македонија му одговара оваа и ваква состојба: дисфункционална држава и соодветно дисфункционална култура! Навистина ли е тоа така, и ако е така зошто е така? И тука повторно треба некој покомпетентен да даде одговор, некој од (самопрогласените) врвни македонски институции од профилот на една МАНУ, или УКИМ, па и оние селскине универзитети (за да си го заслужат името!), професорската тоест високостручната фела… Кога, на пример, воопшто сте слушнале/прочитале сериозен збор за современата македонска култура/уметност од МАНУ? Или од некој друг „компетентен“, некој/некои кои со децении примаат не мали плати за тоа? Оттука, сѐ што можеме во вакви не-услови е да импровизираме со некакви сопствени искуства и достапни податоци, со некои видливи на површината состојби и манифестации. Но и тие се доволни за вакви поразителни заклучоци коишто, во крајна линија, никого на ништо не обврзуваат, и од коишто, повторно, полза имаат само оние интересни групи и „политики“ од културното и државното подземје коишто ионака ги држат во заложништво и културата и државата.

Се разбира, формално, државата односно власта, која и да е, е секогаш најодговорната за состојбите и тоа е најлесниот начин сите да се испереме од евентуалната наша „вина“ за нереагирањето, за молчењето, за веднењето глава. Сегашната власт пак ноншалантно лесно ја префрла сета вина на главните актери во процесот на заробувањето на државата, тие пак на некои претходници (нормално од спротивната политичка опција) … и повторно сите се вртиме во круг. И тој круг, за жал, се чини запрепастувачки компактен, речиси непробоен. Ама не е, не е непробоен. Веќе е напукнат, би рекол.

Напукнат токму од онакви инцидентни п(р)ојави како „Медена земја“, како цедето на Симон Трпчевски за кое пишува светот но не и ние, како напорите на две-три македонски културни институции наспроти жабурникот на простотија и неукост кај другите… па дури, ако сакате, и како „протестот“ на ДЛУМ којшто сепак укажува на некои неодржливи актуелни состојби. (Ќе) имаат ли овие п(р)ојави потенцијал, сила да повлечат напред или ќе останат на рамништето на инцидент? Зависи, зависи од многу фактори.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...