Моите резерви за „Мини-Шенгенот“: Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект

1251

Отсуството на воодушевувањето, за почеток, не се состои од земјите-промотори на идејата, туку од нивните недостатоци (на капацитет во) економијата и владеењето на правото и високата корупција до степен на институционална нефункционалност.

Низ македонска призма, на пример, придобивките за слободното движење не се новина. Со години, низ непосредни спогодби со државите, со лична карта може да патуваме во Албанија, БиХ, Косово, Србија и Ц. Гора. И со ВРЗ (Вучиќ-Рама-Заев) зоната, листата за нас останува иста.

Истиот пристап на уредување и во другите наведени области со билатерални договори еднакво е на располагање за државите-иницијатори, од 24-часовно функционирање на граничните инспекции, до меѓусебното признавање на дипломите. Кои и онака се со прашален квалитет ширум регионот. Впрочем, ВРЗ-зоната очигледно нема ниту дополнителни инструменти за слободната трговија поголеми од оние на ЦЕФТА.

Затоа, ова нема да ги отстрани причините за заминувањето на младите, како еден од аргументите на кои алудира, на пример, Заев. Младите (и не само тие) од целиот регион си заминуваат веќе не само поради егзистенцијални, туку пред сѐ поради здраворазумски причини – затоа што не сакаат да останат закрепостени во партиско-политички системи кои три децении толерираат криминал, корупција и неслобода, а со буџетските средства на секоја од земјите-потписнички спонзорираат разорување на нивните јавни образовни, здравствени и социјални системи.

Не изненадува ни „разбирањето“ со кое е дочекана оваа зона. Проектот за кој Палмер соопшти дека има Вашингтонска поддршка и на Берлин и Париз им ја отвори можноста на трите земји да гледаат со претпазливост како кон „Made in USA” производ – и кон регионот да си ја продолжат досегашната политика на „добар и лош полицаец“.

Настрана миксот на руски наоружана неутрална Србија во Евро-азиска унија, со од неа непризнато Косово, закочена БиХ, НАТО интегрирани Ц. Гора и Албанија и Македонија, на пат да стане триесетта членка на Алијансата – замислени да функционираат во едно.

Не дека ќе наиде на поширок јавен или меѓународен отпор, таа ќе биде во „лер“ сѐ додека не се јави потреба да биде алиби на успорувањето на асоцирањето на државите од регионот во ЕУ – поради пристапот на издвоена просторна креација со имиџ дека нешто се движи напред додека фактички сите внатре тапкаме во место.

Впрочем, да не забораваме дека отпорот кон ЕУ-проширувањето не е само француски, туку дека Франција е само искористен гласноговорник на пошироко споделен став, за чие омекнување го чекаме следниот мај. А реформите во методологијата на пристапувањето е само дел од реформите на ЕУ за кои се залага еден од столбовите на Унијата.

Она што кај нас треба да предизвика подлабока анализа особено е тајмингот на иницијативата и однесувањето на поканетите учеснички кон она што е се поизвесно дека сепак ќе остане „само“ ВРЗ-зона.

Тајмингот коинцидира со моментот кога Македонија треба полноправно да стане дел од НАТО, а Србија туку што стана дел од Евро-азиската унија.

Црна Гора одби учество во мини-шенгенската непознаница и не отстапи од патот што го трасираше со почетокот на преговорите со ЕУ и членството во НАТО, одбивајќи ризик на туторство од Белград на нејзиниот пат кон Унијата.

Личи дека и Косово, низ неучество во ВРЗ-зоната, одби обид за туторство со амбиција да биде „сеалбанско“ – за спас на премиерската фотелја во соседна Тирана.

БиХ се држи на страна, вклештена во српскиот интерес за дипломатски исчекор низ регионална иницијатива и хрватската воздржаност кон неа.

Внимателност што можеше да се очекува и од Албанија и од Македонија, доколку немаше грогирани премиери чии влади се потресени од политички и корупциски скандали.

Затоа ВРЗ-зоната во моментот има вкус на дипломатски успех на Вучиќ за промовирање на неговиот личен политички регионално-лидерски капацитет, што ќе треба да го валоризира во процесот на преговори меѓу Белград и Приштина.

И на  Соросова операција за спасување на сопствените политички инвестиции во Тирана и Скопје. Да, со некаква начелна поддршка од Стејт Департментот, која ќе биде онолку извесна колку и постигнувањето конечен договор меѓу Белград и Приштина.

Попатно да прашам, каков е ставот на македонскиот парламент за иницијативата? И на министрите за надворешни и за одбрана? Ќе ја биде ВРЗ-зоната?

(Авторот е иницијатор на Движењето за Нова Република)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...