За енормната загаденост на воздухот повеќе од доволно е што урбаниот хаос кој „царува“ со години и го поремети струењето на ветровите во Скопје, зашто речиси ништо плански не беше изведено. Мораме да делуваме, бидејќи во услови кога и Владата ги има усвоено мерките, не може пак да се дебатира зошто тие не се спроведуваат! Тоа е веќе социјално-ментален проблем, луѓето како да не ги засега спроведувањето на мерките против аерозагадувањето, а директно се засегнати, вели проф. д-р Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје, кој е и Национален координатор за здравје и за заштита на животната средина.
Скопје синоќа беше еден од најзагадените градови во светот. Тој се најде на шестото место по загаденост во светот на глобалната апликација „Air Visual“. Главниот град се најде во „ист кош“ со традиционално најзагадените градови како Лахоре, Њу Делхи, Ченгду и Пекинг. Најалармантно беше кај Ректорат со измерени 240 ПМ честички на метар кубен, што е пет пати над дозволеното.
Неколкупати над дозволените граници беше и воздухот во Струмица, Битола, Куманово Гостивар и во Кавадарци.
Огромни градежни активности во Скопје
Додека штетните честички од загадениот воздух се таложат во белите дробови на граѓаните, во крвните садови, па дури и во мозокот, впечатокот е како ништо или многу малку да не се презема во државата, за да почнат да се намалуваат алармантните бројки за 5, 6 па и 10 пати позагаден воздух од дозволеното.
И експертите се револтирани.
На прашањето кои се главните причини што оваа сезона малку порано воздухот во Скопје и другите градови веќе е енормно загаден, а грејната сезона речиси и не започнала поради топлото време, проф. д-р Ѓоргев објаснува:
– На почеток сме на грејната сезона, а иако надворешните температури не се ниски, сепак некој тип на греење веќе започна, па веќе влијае на квалитетот на воздухот. А голем број од домаќинствата се греат на јаглен, а дел сигурно и на гуми и на што уште не… А во средини како Скопје, Тетово, кои се сместени во котлини, па во овој период речиси и да немаат ветрови, а сообраќајот се зголемува – сите тие фактори придонесуваат да се зголеми загадувањето на воздухот. Да не заборавиме што друго енормно го загадува воздухот. Огромните градежни активности во Скопје, но и во другите градови, се повеќе од доволни да се зголемат штетните концентрации во воздухот. Прашината паѓа и се таложи, па сите елементи кои загадуваат се во игра, но тие ќе одат и понатаму сѐ повеќе и ќе се зголемуваат концентрациите на штетните материи во воздухот – предупредува д-р Ѓоргев.
Мерки има, акција нема!
Тој потсетува на огромниот сет мерки кои беа донесени против загадувањето од Меѓусекторската група.
– Мерките кои беа усвоени се однесуваа на разни чинители во општеството – инспекции, локална самоуправа, стопанство, но јас не забележувам дека некој нешто презел… И во услови кога би се презеле повеќето мерки, оваа состојба не би можела да се надмине преку ноќ, но сите фактори беа задолжени за одредени мерки што требаше да ги спроведат, но речиси ништо не се реализира… Можеби некој паркинг поскапел во меѓувреме, но ништо конкретно не се презема. Трошиме многу енергија за тоа која е главната причина за загадувањето, а не делуваме! Да потсетиме дека повеќе од 30.000-40.000 домаќинства во Скопје се на сопствено греење. Плус, има едно чудо индустриски процеси од среден обем, кои факт е дека помалку загадуваат, ама се собираат и акумулираат штетни состојки, па на крајот произлегува дека многу загадуваат – револтиран е д-р Ѓоргев.
А според новите методологии на проценка на СЗО, бројките се повеќе од загрижувачки – во светот дури 4,2 милиони луѓе умираат само од загадениот надворешен воздух и несоодветно греење.
А уште 7 милиони луѓе, според д-р Ѓоргев, умираат од компликации по здравјето што биле предизвикани од загадениот внатрешен и надворешен воздух.
– Во Скопје умираат околу 5.500 лица годишно, а дури 1.200 се жртви на аерозагадувањето. Околу 800 лица од овие 1.200 можеме да ги спасиме ако одиме со построги мерки кои важат во земјите на ЕУ – ако ги спуштиме нормите на издувни гасови на возилата, на пример, голем број животи можеме да спасиме. А уште еден поразителен факт е прераната смртност од загадениот воздух – околу 20 години помалку во просек живееле луѓето кои починале поради аерозагадувањето. Фрапантно е што има закон, има мерки, ама нема акција! Затоа панично повторно се актуелизираат заштитните маски… Ние ги препорачуваме маските, иако лично сметам дека тоа е повеќе од добар бизнис, зашто мора да се носат такви кои имаат ситни пори, за да може да ги задржат ПМ 10 честичките, во услови кога ништо не е направено… Или малку, на пример, градинките ги заштитивме со пречистувачи… ама и децата и возрасните мора да излеземе надвор… Останува панична ситуацијата еве веќе секоја есен и зима, а смирување на оваа алармантна состојба и мерките мора да се предмет на седница на Влада во континуитет, зашто загадениот воздух е „тивок убиец“ – предупредува д-р Ѓоргев.