Иако премиерот Зоран Заев најави дека изминатиот викенд ќе биде последен во преговорите за реконструкција на владата, денеска тој изјави дека тие сѐ уште течат во континуитет. До каде е стигнато, од кои ресори е незадоволен, тој не сакаше да одговори велејќи дека станува збор за пресерозни прашања и не е во ред да преговара јавно преку медиумите.
– Може на крајот да се сменат повеќе ресори, повеќе директори, може да се случи никој да не се менува. Еден дел зависи од разговорите заради зголемување на парламентарното мнозинство, тоа како што веќе кажав е иницијалната причина за реконструкцијата, а после тоа согласно и резултатите од работењето. Сакам секаде во самите институции да ги видам резултатите по промените на власта. Сакам да знам што се променило на подобро – рече Заев најавувајќи дека по празникот, ако има, би требало да се соопштат промените во Владата.
Тој не сакаше многу да коментира ниту за Државна комисија за спречување на корупција, без која државата е околу еден месец. Заев посочи дека нејзиното комплетирање е работа на Собранието, а тој очекува во Антикорупциска да види професионалци кои ќе вгнездат надеж кај граѓаните дека оваа комисија си ја извршува работата.