Колку е реално Македонија на наредните парламентарни избори да гласа во една изборна единица? Помалите политички партии повторно побараа промена на изборниот модел, но во реалноста таа не би била можна без зелено светло од најголемите играчи.
Прашавме какво е расположението во најголемата владејачка и најголемата опозициска партија за ваква реформа, во власта барем на прв впечаток нема противење на ваквата идеја и не отстапуваат од ветувањето, но нагласуваат дека е потребно да се согласат и останатите партии.
– СДСМ подолг период има јасно дефиниран и соопштен став по ова прашање и секако дека е прифатлива промена на изборниот модел од неколку изборни единици во една, со што ќе се обезбеди еднаквост на гласот на сите граѓани во државата, но и ќе се затворат непродуктивните дебати за промени на границите на изборните единици. Се разбира, за ова крупно прашање потребна е изградба на консензус и согласност и од останатите политички субјекти. СДСМ останува на ставот за промена на изборниот модел, што впрочем е и дел од изборната програма План за живот. Подготвени сме за измени на потребните закони, доколку таа идеја е прифатлива и за останатите партии – велат од владејачката партијата.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не посочија конкретен став, но велат дека се подготвени да разговаат и аргументираат на оваа темата.
– Во однос на една изборна единица и отворени листи, мораме да потенцираме дека ќе го отвориме прашањето и сме подготвени за разговор и дебата за Изборниот законик. Ние сме подготвени да разговараме, аргументираме и да отвориме поширока дебата во моментот кога ќе се отвори прашањето – велат од опозицијата.
Откако се отвори прашањето дали со претседателските треба да има и парламентарни избори, темата за една изборна единица во јавноста повторно ја покренаа помалите политички партии, за кои таков изборен модел е поповолен од постоечкиот со шест изборни единици во кои се расцепкани нивните гласови и на тој начин тешко кој самостојно може да го достигне прагот на гласови потребни за место во парламентот.
При евентуални реформи на изборниот модел, ќе треба да се постигне и договор дали ќе има цензус, односно за тоа колку отсто од гласовите ќе носат пратеничко место, како и за прашањето за отворени пратенички листи.
Од владеачкиот коалициски партнер ДОМ вчера ја потсетија СДСМ дека ветила една изборна единица и оти е време да се пристапи кон исполнување на ветувањата. Побараа сега да се посветат на реформите за евроатлантските интеграции, а потоа да се направи реформа на изборниот модел и дури тогаш да се оди на парламентарни избори.
И од Демократскиот сојуз (ДС) на Павле Трајанов побараа промена на изборниот модел бидејќи, како што наведоа, треба да се демонтира „еднопартискиот систем“.
– Само со една изборна единица составот на Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе се зголеми одговорноста на извршната власт, како и влијанието на граѓаните при носењето битни одлуки за перспективите на државата – сметаат од ДС.
Со слични залагања подолг период во јавноста излегува и Граѓанско-демократската унија (ГДУ) од каде имаа и конкретни предлози за потребниот цензус на гласови кога Македонија би била една изборна единица.
За предлог листа предложена од една политичка партија, тие предлагаа, потребниот цензус за избор на пратеници да биде 3 отсто од излезените гласачи, а за предлог листа предложена од две политички партии кои настапуваат како коалиција, цензусот за избор на пратеници да биде 5 отсто, додека за коалиции со повеќе од две партии тој да биде 7 отсто.
Пред да се пристапи кон промена на Уставот, од ГДУ, предлагаа и да се промени членот 62 односно да се намали бројот на пратеници од 120 на 90.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV